Спасовски: Ги преземаме сите мерки за фер, мирна и демократска изборна атмосфера


Од аспект на Министерството за внатрешни работи се преземаат сите мерки за создавање фер, мирна и демократска атмосфера во која ќе можат да бидат презентирани  програмите на кандидатите за претседател, а таква атмосфера да има и во тек на изборната кампања и на изборниот ден, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во вечерашната емисија „Анализа“ на ТВ 24.

Според Спасовски, се преземаат сите неопходни мерки од аспект на безбедноста и нема индиции за какви било нарушувања на безбедносната состојба во овој период, ниту пак на некакви политички конфронтации коишто можат да  придонесат за нарушување на безбедносната состојба.

-Очекувам дека нема да имаме сериозни  предизвици и на тој начин ќе покажаме малку еден повисок степен на политичка култура меѓу политичките субјекти. Ги повикувам сите политички субјекти кои учествуваат  во изборната кампања, меѓутоа и граѓаните, заеднички да придонесеме за фер и демократски изборен процес кој ќе ни биде плус во нашите европски интеграции, рече Спасовски.

Тој најави дека МВР насокоро ќе промовира нов проект „Електронски записник“, со кој треба да се намали времетраењето за подготовка на записниците при сообраќајни несреќи и за нив веќе нема да се чека повеќе месеци.

– Тоа ќе биде софтвер за составување записници за сообраќајните несреќи изработен од Одделот за телекомуникации и информатика на МВР. Веќе имаме пробни фази на електронскиот записник, се подготвуваат сите потребни технички средства за сите градови на територијата на Република Северна Македонија и кога ќе бидеме подготвени за многу скоро време ќе го промовираме овој проект. На тој начин и полесна ќе биде работата за вработените во МВР, исто така ќе биде побрзо добивањето на записникот од МВР до граѓаните. Сите податоци коишто ќе бидат на местото на настанот ќе бидат внесени во компјутер, по електронски пат тоа ќе се прави, и ќе нема можност за какви било злоупотреби коишто можеби ги имало во минатото. Нема да се чека три, четири, пет месеци, рече Спасовски.

Фото: Б. Грданоски