Спасителот стана осуденик: Демонстрант, а не Алими го спасил Села


Абдулфета Алими неколку дена по крвавиот упад во Собранието на 27 април беше еден од ретките херои кои јавноста го запозна како човекот кој го спаси пратеникот од Алијансата за Албанците, Зијадин Села, кој едвај остана жив од ударите на разгневената толпа. Сите новинари беа заинтересирани Алими да им раскаже пред камерата како го спасувал претепаниот пратеник. Но, по неколку месеци Алими заврши како обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок, а по завршувањето на судскиот процес е осуден на седум години затвор.

По изрекувањето на пресудата не стивнуваат реакциите во јавноста, од пратеникот Села и членовите на неговото семејство. Вчера попладне семејството на Алими и негови поддржувачи се собраа пред споменикот на Скендербег, а потоа заминаа пред судот. Демонстрантите ги предводеше пратеникот Села и неговиот сопартиец, Арбен Таравари. Некои носеа маички со ликот на Алими и извикуваа „нема правда нема мир“, „правдата не е пазар“, „да спасиш човек, не значи дека си терорист“…
Демонстрантите ги исвиркаа имињата на пратениците и дел од првично обвинетите за 27 април, кои потоа беа опфатени со Законот за амнестија, но ретко кој од нив сакаше да зборува на македонски. На протестот се појави поранешниот пратеник Хисни Шаќири кој држеше говор пред насобраните на албански јазик.

„Сакам да апелирам до сите граѓани – кој сака да добие седум години затвор нека спаси човек од каде било“, вели дедото на Алими, Абдула Абази.

„Ова е многу голема неправда. Нека мислат тие што го направија ова. Тој што спаси некого сега е затворен. Тоа не е правда. Остануваме на улица сѐ додека Алими не биде со нас“, изјави учесник на протестот.

Но обвинителката Вилма Русковска, која водеше предметот за крвавиот упад во Собрание, во дебатата на телевизија 21 откри нови моменти за спасувањето на Села, кои досега јавноста не ги знаела. Таа тврди дека Алими не го спасил Села, туку него го спасил еден од демонстрантите кој влегол заедно со толпата со име Тони.

„Зијадин Села го има спасено еден од демонстрантите, им рекол на другите, ‘дај помогнете, видовте дека го отепавте човекот, дајте да го тргнеме на страна‘ и успева да го донесе во ресторанот на Собранието, Клуб на пратеници. Дури тогаш доаѓа Абдулфета Алими и тогаш му помага на лицето кое го спасило, Тони. Успеваат преку прозорецот од кујната на бифето по пожарните скали двајцата да го качат. И самиот Фета кога даваше изјава кај мене пред подигнување на обвинение кажа дека Тони бил и во болничката кола, чекал додека траела операцијата и кога го сместиле на интензивна нега рекол: ‘Од мене толку‘ и заминал. Значи не е точно дека тој го спасил“, вели Русковска.

Таа е децидна дека доколку Абдулфета си ја вршел работата и задачата што му била дадена тој ден, немало да треба никого да спасува. Според обвинението, Алими, кој бил дел од внатрешното обезбедување во Собрание, кобниот 27 април не ја извршил својата службена обврска како одговорен за предните врати и не се ни обидел да го спречи отворањето на вратите, како што тоа го направил неговиот колега Владимир Стојков.

На судењето за 27 април јавно беа прикажани снимките кои како доказ ги предложи обвинителството и на нив можеше да се види целата операција на отворањето на вратите во Собрание. На една од снимките се гледа празниот хол на Собранието, доаѓа првин пратеникот Крсто Мукоски, зборува на мобилен телефон и гледа кон затворените собраниски врати.

Потоа се враќа и се упатува кон средната од трите врати, која единствена што се отвора со клуч. Клучот е кај обвинетиот Абдулфета Алими, кој подоцна ќе му го даде на обвинетиот Горан Ѓошевски – Леви, шеф на личното обезбедување на Трајко Вељаноски.

Пратеникот од Социјалистичка партија, Љупчо Димовски, на Мукоски со рака му покажува да ги крене гредите. Сашо Василевски со трчање се упатува кон вратите и со нога ја турка едната заштитна греда.

Сведокот Владимир Стојков од собраниското обезбедување трча кон вратата и ја враќа гредата. Повторно Василевски оди, ја шутира со нога и ја трга гредата.
Мукоски стои во холот и се упатува кон влезните врати. Љубен Арнаудов зборува на мобилен. Абдулфета му ги дава клучевите на Ѓошевски, тие паѓаат на подот. Ѓошевски ги зема. Средната врата никогаш не се отвора, се отвораат само левата и десната, со заштитните греди. Толпата влегува внатре и почнува насилството.
Судијката која ја донесе пресудата за упадот, Добрила Кацарска вели дека неспорен факт е дека Абдулфетах Алими придонел за спасувањето на Села и дека како олеснителна околност било земено предвид ова, па затоа Аљими добил казна под законскиот минимум и двојно помали казни во споредба со другите полициски службеници.

„Неспорен факт е дека Aбдулфетах Алими придонесе да се спаси животот на Зијадин Cела, но да не заборавиме дека истиот обвинет е полициски службеник кој на камерите јасно го гледаме кај влезните врати со клучеви во раката и пред прес-салата каде беа тепани пратеници, новинари, полициски службеници. Ништо не преземаше, што значи, го направил кривичното дело, а спасувањето на Села е откако е сторено кривичното дело. Но сепак судот не може а да не го цени тој факт дека е спасен човечки живот, но тоа не значи дека треба да добие ослободителна пресуда. Ако направите споредба на казните ќе видите со какви казни се осудени полициски службеници, оние кои кои примениле насилство и каква казна добил Алими и затоа е несфатлива критиката на Села“, вели Кацарска.

Со оглед на законот за амнестија, Русковска смета дека правдата е делумно задоволена. Таа најави дека ќе поднесе жалба на казната за сите обвинети, но судот ќе одлучува по жалбите и за висината на казните, дали ќе бидат зголемени, дали ќе бидат потврдени или намалени.

Од вкупно 33. обвинети за крвавиот упад во Собрание, 16 беа осудени на затворски казни од 211 години затвор. Највисока казна од 18 години доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, а најниска, седум години, доби Абдулфетах Аљими.

Фросина Факова – Серафиновиќ
Фото: Борис Грданоски