Традиционална крводарителска акција по повод 26 јули во Скопје
Во Домот на АРМ – Скопје денеска од 09:00 до 18:00 часот ќе се одржи традиционална крводарителска акција во знак на сеќавање на катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година, но и во чест на солидарноста, хуманоста и несебичноста што граѓаните ја покажаа во најтешките моменти.
Акцијата ја организира Црвен крст на град Скопје, од каде укажуваат дека во текот на летните месеци, бројот на крводарувања бележи намалување, но оти потребата од крв не се намалува.
Информираат дека на здравствениот систем во државава му се потребни околу 150 единици крв дневно за непречено обезбедување на потребите на пациентите.
На акцијата, покрај крводарителите од Скопје, ќе им се придружат и доброволни крводарители од Куманово, Свети Николе, Штип, Велес, Кочани и Крива Паланка, со што, посочуваат, уште еднаш ќе се испрати силна порака дека хуманоста и солидарноста не познаваат граници.
– Една единица крв може да спаси и до три животи. Ова лето, одвојте малку време и дарувајте крв – порачуваат од Црвениот крст.