Со реорганизацијата на Тутунски комбинат Прилеп доброволно заминуваат 222 вработени
Од прилепскиот Тутунски комбинат 222 вработени доброволно ќе заминат со пакет-отпремнини кои им беа понудени, соопшти денеска компанијата.
Според раководството на комбинатот, бројот на пријавени бил голем, а доброволното заминување од компанијата било спроведено во соработка со Синдикалната организација и било транспарентно. Со ова заврши и последната фаза на реорганизацијата на компанијата со што се очекува да се зголеми ефикасноста во работењето.
– Ова е последна фаза на реструктуирањето во ваков формат и затоа интересот на вработените беше голем. Дополнително, доброволните пакети, односно условите за заминување беа направени на подобар и транспарентен начин, и голем дел од вработените, најмногу оние што имаат уште неколку години до пензија, решија да ја искористат понудената шанса, вели Игор Китаноски од синдикалната организација на Комбинатот.
Како што соопштува компанијата, Тутунскиот комбинат во изминатите години интензивно работел на трансформацијата и со тоа бележи позитивни резултати. Веќе денес Комбинатот нема долгови кон државните институции и навреме ги плаќа обврските кон деловните партнери и банките.
– На крајот на 2017 година се раздолживме спрема државата исплаќајќи долг стар 6 години, почнавме со редовно сервисирање на обврските спрема доверителите и банките, а имавме и година со добар откуп на тутунот, така што, изминатиот период направивме значителен чекор напред за враќање на финансиската стабилност на компанијата. Остана довршувањето на процесот на реорганизација со кој беа опфатени вработените со висока старосна структура. Со овој чекор одиме кон зголемување на ефикасноста паралелно со веќе започнатиот процес на модернизација, истакнува Кире Станкоски, генерален директор на прилепскиот Тутунски комбинат.
Според министерот за економија Крешник Бектеши, добро е што Тутунскиот комбинат во Прилеп кој со децении беше загубар, а со тоа и еден од најгорливите проблеми на државата, конечно застанува на „здрави нозе“.
– Како Влада сме задоволни што еден толку битен индустриски капацитет во земјава, особено за Пелагонискиот регион, конечно почнува да работи рентабилно, да се осовременува, да го проширува производството и е на вистинскиот пат да стане модерна и успешна компанија. Како Влада водиме грижа за тутунопроизводството, бидејќи тутунот е од исклучителна важност за државата. Имаме голем девизен прилив, а од него живеат и 23 000 семејства во Македонија,рече Бектеши.
Во соопштението се истакнува дека Тутунски Комбинат Прилеп бележи позитивни години по стратегиското партнерство со „Филип Морис“. – Со процесот на реструктуирање, како и со модернизацијата помогната од светскиот тутунски гигант, со подобрувањето на квалитетот на производите и со проширеното портфолио во согласност со потребите на потрошувачите, се очекува Тутунскиот комбинат ја подобри ефикасноста и финансиската стабилност на компанијата, стои во соопштението на оваа команија.