Снег во Маврово, дожд во Пелагонија и Повардарието, а магла во Скопје и Тетово
Слаб снег утрово провејува во Маврово, а локални врнежи од дожд има во Пелагонија и Повардарието. Во Скопје и Тетово има појава на магла.
Како што информират од Управата за хидрометеоролошки работи, висината на снежната покривка утрово во седум часот во Маврови Анови изнесува 49 сантиметри, 25 сантиметри снег се измерени во Дебар, 24 во Битола, 22 во Крушево и Лазарополе, 20 во Пожаране, 18 во Ѓуриште, 17 во Охрид, 15 во Тетово, 13 во Тополчани, 9 во Претор и Прилеп, 7 во Струмица, 6 во Демир Капија, 4 во Скопје-Зајчев Рид, 3 во Берово, 2 во Штип и 1 сантиметар во Крива Паланка.
Според мерањата на УХМР, до 7 часот утринава најмногу дожд наврнал во Тетово, Пожаране, Гевгелија и Крушево, 4 литри на метар квадратен. Потоа на листата следат Претор со 3 литри, Маврово, Охрид, Струмица и Ѓуриште со 2 литри и Битола, Прилеп и Дојран со 1 литар.
Најниски температури утрово од -1 степен целзиусов се измерени во Скопје-Петровец и Битола, 0 во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Прилеп, Маврово, Штип, Демир Капија, Струмица, Крушево и Куманово, 1 степен во Лазарополе, Пожаране, Ѓуриште и Дебар, 2 во Крива Паланка, Претор, Тополчани и Берово, 3 во Охрид, 5 во Гевгелија и 6 степени во Дојран.
Во Македонија денеска ќе има променливо облачно време со локален слаб дожд, а на планините со повремен снег, особено претпладне. По одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9 степени.
Во Скопје ќе биде претежно облачно со слаба магла и со услови за слаб дожд, претпладне. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.
Како што информираат од УХМР, во наредните денови следува период на променливо облачно време со повремени слаби врнежи од дожд и снег во пониските места, а на планините од снег. Повеќе врнежи се очекуваат во вторник, особено во западните и јужните делови. По котлините ќе има појава на магла.