Силеџиите со фантомки биле добредојдени кај Трајко Вељаноски


Никола Митревски-Кољо, Михаил Младеновски, Стефан Младеновски, Митре Питроповски и други обвинети со фантомки на главите биле добредојдени во Собрание на 27 април минатата година. Обезбедувачите на тогашниот собраниски спикер Трајко Вељаноски – Иван Цветановски и Горан Ѓошевски, заедно со Елена Божиновска-Доцевска, која тогаш беше соработничка на Вељаноски, ги пречекуваат лицата со фантомки и ги упатуваат преку холот во прес-центарот на Собрание каде што се случија најкрвавите напади врз пратениците и новинарите.

Вчера на рочиштето за случајот „27 април“ беа емитувани снимки, како дел од доказите што ги обезбедило Обвинителството за организиран криминал и корупција. Снимката што се гледаше беше обезбедена од собраниската камера во холот пред кабинетот на претседателот на Собранието. Главни актери во видеото се членовите на кабинетот на Вељаноски и лицата со фантомки. Божиновска постојано влегува и излегува од кабинетот на својот шеф, постојано зборува на телефон и скока од радост кога маскираните лица влегуваат во Собрание. Повеќето од обвинетите се со фантомки, додека Игор Југ шета во холот, комуницира со обезбедувачите и Божиновска без никаква маска. Иван Цветановски им носи неколку шишиња со вода на обвинетите, а неговиот колега по неколку минути доаѓа со пакет со шишиња со вода и им дели на напаѓачите. На снимката се гледа дека во Собранието имало и припадници на Единицата за брзо распоредување. Додека маскираните шетаат во холот пред кабинетот на Вељаноски, камерата снимила и дел од тогашните пратеници, Никола Тодоров и Илија Димовски, кои минуваат покрај нив како да не ги гледаат, без никаква реакција. По маскираните лица, во Собранието влегуваат и толпа граѓани, а меѓу нив е обвинетиот Јане Ченто. Тој се поздравува со обезбедувачот на Вељаноски, Иван Цветановски. Толпата добива аплаузи, а еден од обвинетите, Влатко Трајковски, влегува во кабинетот на Вељаноски. Се гледа и како раскрвавено машко лице се движи од ходникот од прес-центарот кон скалите надолу.

Според јавно објавените информации, претседателот на Собранието за време на упадот бил во својот кабинет, заедно со пратеникот Антонио Милошоски. Собраниската камера ги снимила и режисерот Борис Дамовски и актерот Владо Јовановски, кои се обвинети. На крајот од снимката доаѓаат припадници на Единицата за брзо распоредување кои се обидуваат да ја растераат толпата.

 

Русковска: Очекував да спомнете и жолти комбиња

Обвинителката Вилма Русковска, која го застапува обвинението за случајот „27 април“, остро ги отфрли обвинувањата на одбраната дека доказите, односно снимките што биле презентирани на минатото рочиште биле сечени, лепени и монтирани. „Искрено очекував да слушнам уште жолти комбиња да се споменат“, рече Русковска.

Таа реагираше на приговорот на одбраната дека не им биле дадени видеоснимките кои биле обезбедени.

„ Според Законот за кривична постапка, обвинителството мора да овозможи препис на целиот материјал, но и ги скенираше доказите. Сепак, јавното обвинителство не е кинотека за да обезбеди цедиња од доказниот материјал. На одбраната ѝ беше овозможено во неколку наврати да доаѓа да го гледа доказниот материјал“, рече Русковска.

Обвинителката појасни дека снимките не биле пуштани целосно поради интерес на времето и со оглед на тоа што обвинетите се жалеле на маратонски судски расправи. Таа побара судот да дозволи да бидат презентирани во целост сите спорни снимки за одбраната, но судијката не го дозволи тоа. Адвокатот Петар Василев инсистираше да даде реплика на произнесувањето на обвинителката но Кацарска не му дозволи. „Судијке, го кршите ЗКП. Одбраната треба да го има последниот збор“, рече Василев. Но судијката не му дозволи и инсистираше да седне бидејќи нивните забелешки ги кажале на минатото рочиште. По мала кавга меѓу Василев и Кацарска, тој доби опомена, а потоа беше казнет и со 500 евра поради попречување на работата на судот.

Фросина Факова – Серафиновиќ