Се подготвува чистка на корумпираните полицајци


Вкупно 500 полицајци во Албанија не дозволија да им биде направен ветинг, сами си се преиспитаа и си заминаа од полицијата. Наместо да достават анкетни листови за нивната имотна состојба, тие си потпишаа отказ.

Терминот „ветинг“ произлегол од зборот „вет“, што е скратеница од зборот ветеринар, и оригинално се користел за барањето коњот да биде проверен пред да учествува на трка. Сега зборот ветинг значи проверка на нечие минато пред да се вработи некаде, а во земјите на Балканот се доживува како чистење на институциите од корумпирани полицајци, судии, обвинители и други вработени во институциите. Ветингот првпат се најавува во Македонија во редовите на Министерството за внатрешни работи и прв го најави министерот Оливер Спасовски, меѓу полицијата што се доживува како една од најкорумпираните сфери.

Министерот Спасовски признава дека дел од раководителите, инспекторите и полицајците што се вработени во Министерството имаат приватен бизнис, градежни, транспортни компании, кафеани, ресторани, барови што претставува судир на интереси. Од 2015 година до денеска, Министерство исто така открило 40-ина вработени со фалсификувани дипломи. Министерот тврди дека на сите нив им е даден отказ и против нив е почната кривична постапка. Ветингот треба да покаже каков и колку имот имале полицајците и со каков имот располагаат сега, но и како го стекнале.

Сепак кога ќе почне ветингот, сè уште не е точно утврдено и министерот Спасовски вели дека неговиот почеток ќе зависи од случувањата и околностите во државата. Со оваа реформа треба да се направи систем кој нема да зависи од тоа кој раководи со министерството и која партија е на власт, односно полицијата да биде целосно департизирана, професионализирана и чесна.

„Ние ги разгледуваме сите варијанти, тоа ќе биде преку законско решение кое ќе ги дефинира точно моментите од вработувањето бидејќи има и обични полицајци кои се и полицајци и бизнисмени, полицајци кои на одреден начин ја користат својата позиција, доаѓаат до финансиски средства што ги користат за други цели. Овој ветинг треба да овозможи секој од вработените да го пријави својот имот и доколку се утврди несразмерност со тој имот, несоодветни дипломи, тогаш веднаш ќе се поништи договорот за работа“, изјави Спасовски на едно од своите телевизиски гостувања.

Процесот сè уште се осмислува, се разгледуваат сите добри пракси во регионот и светот, а оние што се вклучени во проектот се консултираат со своите колеги од Албанија. „Чистењето“ во полицијата, вели Спасовски, нема да биде брз и лесен процес бидејќи со години главната цел таму била да се вработуваат партиски приврзаници кои работеле за интересите на партијата, а не професионално. Според него, со ова прочистување, одговорните, чесните и некорумпираните полицајци ќе дојдат до израз.

Резултатите од септемвриската анкета за јавното мислење за полицијата од страна на агенцијата „Ипсос“ покажа дека граѓаните сметаат дека корупцијата е широко распространета во институциите. Магдалена Лембовска, истражувач за безбедносни прашања во „Аналитика тинк-тенкот“ од Скопје вели дека перцепција за постоење корупција во полицијата има кај околу 65 проценти од анкетираните, кои сметаат дека е распространета до највисоко ниво. Ако се анализираат резултатите за одделните делови на полицијата, сообраќајната полиција се смета за најкорумпирана, по што се најблиските соработници на министерот и граничната полиција. Најголем проблем според перцепцијата на граѓаните е политизацијата.

Лембовска потенцира дека е висок процентот на граѓаните кои сметаат дека политиката игра важна улога во функционирањето на полицијата и тоа од вработувањето, до оперативната работа. Според неа, граѓаните очекуваат во наредните пет години борбата против корупцијата во полицијата да биде подобра отколку сега. Согласно анкетата, перцепцијата за високо ниво на корупција е највисока за судството со 68 проценти од испитаниците, по што се здравството, царината, обвинителството…

– Многу е важно реформата во полицијата да почне од внатре. Да не се работи само на козметички и законски измени, но и да се види што се случувало низ годините во рамки на полицијата и дали можеби треба да има одредени преструктуирања и во однос на организациските единици, и во однос на раководни лица – изјави Лембовска.

Истражувањето покажало дека граѓаните претпочитаат порепресивни мерки за борба против корупцијата, како што се спроведување строги казни и повеќе казни за корумпирани инспектори во полицијата. (Ф.Ф.С.)