Се подготвува Национален план за широкопојасен интернет
Министерството за информатичко општество и администрација подготовува Национален оперативен план за развој на брзи и супер брзи електронски комуникациски мрежи.
Формирани се четири групи кои ги одржале првите состаноци на кои е утврдена динамиката на работа за следниот период.
Една од групите работи на утврдување на слободните капацитети и нивното идно користење кај постојните електронски комуникациски мрежи и средства, изградени со јавни средства и со неа раководи министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
Според Манчевски, потребно е мапирање на сите државни електронски комуникациски мрежи со цел да се искористат нивните слободни капацитети за понатамошен развој, како и за потребите на приватниот сектор. Истакната е потребата Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ да се усогласи со бродбенд таргетите на Дигиталната агенда на ЕУ и новата стратегија за единствен дигитален пазар.
– Националниот оперативен бродбенд план треба да биде усогласен со претходните стратешки планови на ЕУ. Во таа насока мапирањето на државните електронски комуникациски мрежи и мапирањето на постојни и идни комерцијални електронски комуникациски мрежи е од суштинско значење, а особено за точното определување на „белите„ зони, односно зони каде нема и не се планира NGA мрежи, во кои во иднина ќе треба да се вложат јавни средства за нивно покривање, истакнал Манчевски.
Во текот на март се очекува да заврши постапката за мапирање, а дотогаш државните/јавни институции кои имаат електронски комуникациски мрежи треба да достават комплетни информации за своите телекомуникациски мрежи. По мапирањето, како што истакнал министерот, потребно е да се утврди како најдобро би се искористиле слободните капацитети, а како крајната фаза, доколку останат расположиви ресурси, тие би се понудиле за комерцијална употреба.
Останатите три групи работат на утврдување мерки и активности потребни за воведување на 5G мобилна технологија, за обезбедување подобра координација на процесот на мапирање на територијата на Македонија со постоечки и планирани идни бродбенд електронски комуникациски мрежи и за утврдување предлог мерки за поттикнување и зголемување на интересот на граѓаните за користење бродбенд.