Се одбројува до „Северна“. Знаме на НАТО наместо име на државата


Владината зграда на „Илинденска“ осамна вчера во зори без натписот „Влада на Република Македонија“, ама од денеска таа „празнина“ ќе биде пополнета со знаме на НАТО пред влезот во објектот. Подигањето на знамето ќе биде проследено со свечена церемонија на која ќе се обрати премиерот Зоран Заев, а поканети се да присуствуваат официјални државни претставници, членови на штабот на Алијансата во земјава, амбасадори на земјите членки, како и сите наши амбасадори во седиштето на НАТО во Брисел досега, независно од тоа која гарнитура била на власт во времето кога тие ја извршувале амбасадорската функција.
Во текот на вчерашниот ден, на платото пред Владата, ослободено сега од оградата која го затвораше видикот, се правеа на големо подготовки и проби за денешната церемонија. Се чистеше просторот, се вадеа столови и се постилаше црвен килим. Свечената церемонија следува откако минатата седмица во Брисел беше потпишан Протоколот за членство на Македонија во НАТО, кој веднаш потоа беше ратификуван во грчкиот парламент. Веќе за денеска е најавено дека протоколот ќе биде ратификуван во парламентот на Словенија, која прва, по Грција и надвор од преспанската спогодба, ќе го одобри нашето членство во НАТО. На настанот во парламентот во Љубљана ќе присуствува претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, кој ќе има и обраќање пред словенечките парламентарци.
На денешната владина седница, како што се најавува, треба да биде донесен и акцискиот план за примена на новото уставно име на државата, што ќе го спроведува меѓуресорската работна група што беше формирана за таа намена, а со која раководи генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски. Во текот на вчерашниот ден се чекаше Владата во „Службен весник“ да го објави документот за стапување во сила на новото име Република Северна Македонија, но остана неизвесно дали денеска, заедно со знамето на НАТО, пред владиниот објект ќе биде поставена и нова табла.
Дел од таблите кои треба да бидат двојазични – и на албански јазик – со додавката „Северна“, според информациите, веќе се набавени и стојат во магацини пред да бидат поставени – на граничните премини и на влезовите државните институции, а потоа и на дипломатско-конзуларните претставништва на земјава, како и на институции во единиците на локалната самоуправа. Иако вчера, на пример, на граничниот премин „Богородица“ на јужната граница повеќе новинарски екипи чекаа да биде симната таблата со досегашното уставно име и да биде поставена таа со Северна Република Македонија, до доцна попладнето таму сè остана исто. Од Владата не прецизираат кога точно ќе почне промената на таблите. Единствено велат дека сите претходни процедури ќе бидат завршени во наредните неколку дена.
„По исполнувањето на сите правни услови, Владата во ‘Службен весник’ ќе го објави датумот на влегување во сила на уставните амандмани и на Уставниот закон. Потоа, Република Северна Македонија и Грција ќе достават заедничко писмо до генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, со кое го информираат за датумот за влегување на сила на Конечната спогодба, со што се става крај на повеќедеценискиот билатерален спор меѓу двете земји“, објаснуваат од Владата во писмена информација до нашиот весник, од која може да се забележи дека владиниот кабинет во комуникацијата веќе го употребува новото име на државата.
Од прес-службата на Владата појаснуваат дека, по известувањето што ќе биде испратено до Гутереш, за настанатите промени ќе бидат информирани и Секретаријатот на ОН, земјите членки и набљудувачи во светската организација, како и сите други меѓународни организации чија членка е нашата земја. (А.М.М.)

Партиите не мора да ги менуваат имињата

Како што е предвидено со Уставниот закон, употребата на придавката во однос на државата, државните органи и јавни институции е во согласност со името на државата или со нејзиното скратено име и гласи „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“. Според тоа, новото име на државата во иднина ќе треба да фигурира во називите на сите државни институции, па и на оние што досега во називот ја имаа придавката, како што е, на пример, Македонската академија на науки и уметности (МАНУ) и Македонската радио-телевизија (МРТВ).
Затоа, пак, има различни толкувања дали Преспанскиот договор повлекува и промена на имињата на политичките субјекти кои во својот назив ја имаат именката Македонија. Пратеничката и поранешна претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска, вели дека името на нејзината партија останува исто (Демократска обнова на Македонија). Според неа, во однос на промената на називите, Преспанскиот договор е обврзувачки само за државните институции и тела, посебно за оние што во својот назив го содржат досегашното уставно име на државата – Република Македонија, а не придавката „македонска“.
„За некои институции, кои не се целосно финансирани од државата и се дел од нашата традиција, треба да се најде начин да ги задржат досегашните називи, како што се на пример МАНУ или МРТ“, вели Поповска.
Таа посочува на член 7 од Конечната спогодба, според кој „страните прифаќаат дека нивното разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство. Во однос нашата земја, овие термини, како што е наведено, ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура и наследство.
Затоа, пак, како што објавивме, владејачкиот СДСМ размислува за промена на името на партијата, а една од опциите е тоа да биде „Социјалдемократи на Северна Македонија“. На овој начин СДСМ, како главна владејачка партија, сака да го покаже својот однос кон Преспанскиот договор, со оглед на тоа што партијата е членка на Партијата на европски социјалисти – групација на левичарски партии од континентот. Значаен дел од партиите во земјава, пак, во својот назив го немаат името на државата ниту, пак, придавката, како што се ДУИ, Беса, ЛДП, НСДП… Во називот на најголемата опозициска партија – ВМРО-ДПМНЕ е содржана придавката „македонска“ и од таму најавија дека немаат намера ништо да менуваат.