СЕММ: Најголем процент од онлајн медиумите се непрофесионални
Етичките и професионалните стандарди на новинарството во Македонија најмногу се прекршуваат од он-лајн медиумите (79 отсто), а потоа од телевизиите (12,6) и од печатените весници и неделниците (осум проценти), покажуваат бројот и видот на поплаките упатени до Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) минатите три години.
Од вкупно 214 поплаки поднесени до Комисијата во периодот 2014 – 2017 година, најголем број се од организациите од граѓанскиот сектор (27,5 отсто), од медиуми и новинари (25,7), од носители на јавни функции, институции и политички партии (23,8) и од други субјекти (22,9).
Во 175 случаи Комисијата утврдила прекршување на Кодексот на новинарите и изрекла морална санкција, 28 жалби биле неосновани или надвор од надлежноста на Комисијата, а 11 жалби биле решени по пат на медијација.
За СЕММ, како што соопшти, е најзагрижувачки фактот што најголем дел од прекршувањата се однесуваат на основните правила на етичкото новинарство: објавување точни, проверени и сеопфатни информации и разграничувањето на фактите од мислењето на новинарот.
– Особено загрижува и тоа што 49 или 28,8 отсто од вкупниот број поплаки се однесувале на медиуми кои во јавноста ширеле говор на омраза, употребувале дискриминирачки искази или поттикнувале стереотипи, и на тој начин им нанесувале сериозна штета на припадниците на одделни групи, наведува СЕММ.
Според Советот, публиката која се информира главно од он-лајн порталите или од други медиуми кои не ги почитуваат правилата на етичкото новинарство, станува лесен предмет на манипулација поради големиот број фабрикувани или полувистинити информации. Ефектот на манипулација со јавното мислење уште повеќе се зголемува со тоа што таквите дезинформации и фабрикувани приказни потоа се споделуваат и коментираат на јавните мрежи.
– Имајќи ја превид огромната манипулативна моќ на дезинформациите и на фабрикуваните или лажните вести што се шират под маската на „сериозно новинарство“, СЕММ, во насока на поголема афирмација на саморегулацијата, воведе посебни правила за интернет порталите (http://semm.mk/sovet-za-etika-4/pravila-za-chlenstvo) кои се членови или кои сакаат да пристапат кон СЕММ, стои во соопштението.
Но, покрај воведувањето на овие правила, СЕММ ги повикува сите медиуми да работат со професионален интегритет и да се заложат за доследна примена на основните принципи на етичкото новинарство.