Села не се враќа во коалиција со Заев, Тачи и Ахмети
Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, во интервју за „360 Степени“ на Алсат оцени дека се минимални шансите во парламентот да се постигне договор за уставни измени. Во случај на вонредни избори, Села отфрла и можност за заедничка листа со СДСМ и со другите партии што го поддржаа референдумот.
-Не можете да барате од нас да влеземе во коалиција со луѓе кои ни забија нож во грбот и тоа пред само 5-6 месеци. Сега барате јас да одам во предизборна коалиција со Зоран Заев. Ве молам. Ова не е лично прашање. Па, зошто да не излеземе ние самите како што сме излегле на избори. Мислите дека помали ќе бидат шансите да се постигнат двете третини? Ние остануваме доследни на своите ставови, изјави Села.
Тој рече дека нема контакти со ВМРО-ДПМНЕ. Запрашан што би се случило ако Алијансата за Албанците победи во албанскиот кампус а ВМРО-ДПМНЕ победи во македонскиот, рече дека нема навика да одговара на хипотетички прашања.
Кон крајот на минатата година, Алијансата за Албанците излезе од владината колаиција, откако го изгуби министерското место во здравство. Несогласувањата меѓу Села и лидерот на ДУИ Али Ахмети се спомнуваа како главна причина за заминувањето на Села од коалицијата.
Иако во коалицијата на Заев влезе во меѓувреме ДПА, поточно најголемиот политички ривал на Села – Мендух Тачи, Алијансата за Албанците даде поддршка за договорот за името и за неодамнешниот референдум. Зад референдумот застана и тетовското крило на Беса, и покрај несогласувањата на Билал Касами со скопското крило на партијата, односно со Африм Гаши, кој од пред неколку месеци е исто така партнер во владејачката коалиција.
Парламентарното мнозинство брои моментно 68 членови и проценките се дека ако се оди на вонредни избори со заеднички листи, тогаш на листите би биле застапени кандидати од партиите кои се дел од владејачката коалиција – СДСМ и партнерите, ДУИ, ДПА и скопското крило на Беса. (П.Р.)