Сведочења за 27 април: Немало да има упад во Собранието без помош од внатре
Полицијата, односно припадниците на СВР Скопје, каде бил помошниот безбедносен штаб за протестите на „За заедничка Македонија“ разгледувале неколку сценарија пред да се случи упадот во Собранието на 27 април. Но во ниту еден момент во СВР Скопје не се разгледувала можноста масата која секојдневно протестирала пред Собрание да влезе внатре. Оние кои работат на обезбедување на виталните објекти, меѓу кои и Собранието процениле, дека со жива сила нема шанси да дојде до насилен упад во Собранието доколку вратите се соодветно обезбедени од внатрешната страна.
Токму пратениците кои ги отвориле вратите во Собранието на „крвавиот четврток“, Крсто Мукоски и Сашо Василевски се првообвинети од 33-та обвинети за упадот во Собранието.
Активностите на СВР Скопје за време на протестите вчера во судот ги објаснуваше Кирил Бошковски, кој тогаш бил помошник-началник за општа безбедност во СВР Скопје и бил член на помошниот оперативен штаб во СВР Скопје.
Полицајци од СВР Скопје секојдневно ги обезбедувале протестите, а по нападот на новинарите од редакцијата на А1 он, согледале дека им треба поголемо полициско обезбедување за протестите и на состаноци со единици од Министерството за внатрешни работи биле разгледувани неколку сценарија кои би можеле да се случат на протестите, но и сценариото дека може да дојде до упад. Се подготвувале за ненасилни, делумно насилни протести со употреба на разни тврди предмети и оружје, но и настани во кои би се уфрлиле други луѓе со поинаква цел.
Од почетокот на протестите биле ангажирани 150 полицајци и пет дополнителни вода на одделот за специјални и посебни операции со кој раководел сега обвинетиот Митко Пешов. Тогашниот директор на БЈБ, Митко Чавков, ја укинал забраната за користење годишни одмори, па дел од полицајците биле на одмор. Потоа протестите ги обезбедувале 90-ина полицајци и бројот се зголемувал согласно оперативните сознанија и однесувањето на масата. Дента кога се случил упадот и кога на Бошковски му кажале дека масата влегува во Собрание, тој побарал да се активираат дополнителни специјални сили кои се во приправност, но Митко Пешов, главен раководител кој ги координира сите посебни и специјални единици во МВР му кажал дека сите сили се активирани и нема полициски службеници кои се на готовс.
На вчерашното судско рочиште вчера сведочеше и вработен во МВР, Митко Груевски, кој работи во Единицата за јавен ред и мир. Тој бил ангажиран за обезбедување на протестите и на протестите во првите редови гледал колеги, познаници за кои не знаел дали биле службено ангажирани.
„Дел од колегите кои се приклучуваа на масата беа од Шестата управа за обезбедување на вип личности, кои беа и во обезбедувањето кај премиерот Никола Груевски. Сепак, не знам која била нивната улога“, рече сведокот.
Досега на ова судење исказ имаат дадено дваесетина, од вкупно 36 сведоци, а последен сведок на Обвинителството е загрозениот сведок.