„Сватовите“ се скараа пред венчавката


Додека се чека спикерот Талат Џафери да означи старт на претседателската трка, станува сè по извесно дека меѓу двете владејачки партии нема консензус за настап со консензуален кандидат на претстојните избори.
„На туѓа свадба непоканет не одам“, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за вториот канал на МТВ коментирајќи зошто неговата партија ја напушта идејата за заеднички кандидат со СДСМ. Судејќи според изјавите на Ахмети, коалициските партнери не ги доближиле ставовите по ова прашање ниту по неговата неодамнешна средба со премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.
Од Владата се воздржаа вчера од коментар во врска со последната изјава на Ахмети.
„Се придржуваме до досегашната практика да не коментираме дневно-политички изјави“, кусо изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Пред официјалниот почеток на предизборието постојано излегуваат на површина нови несогласувања меѓу двете водечки партии на „Илинденска“, што, според проценките, на крајот може да влијае и на успешноста на претседателските избори. Особено ако ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ постигнат „консензус“ за тивок бојкот на вториот изборен круг, со оглед на сомневања кај дел функционери на СДСМ дека во одлуката на Али Ахмети за самостоен настап на претседателските избори, наводно, има вмешано прсти сегашната опозиција. Според проценките, неуспешни претседателски избори повеќе им одговараат на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ отколку на СДСМ, како главна владејачка партија: на ВМРО-ДПМНЕ затоа што ќе може да го релативизира евентуално послабиот изборен резултат и да бара одговорност од власта за слабиот одѕив, а на ДУИ затоа што на таков начин ем ќе добие в.д. претседател од своите редови ем ќе се наметне како фактор во разговорите што би следеле потоа за евентуална промена на изборниот модел – во насока на тоа шефот на државата да се избира во парламентот или, пак, да се оди на бришење или намалување на сегашниот цензус од 40 проценти.
Спикерот Џафери, кој би бил в.д. претседател во период до шест месеци – до повторувањето на изборите, во случај да не успее вториот круг на 5 мај, досега избегнуваше конкретен одговор дали би прифатил да биде претседателски кандидат на ДУИ во првиот круг на 21 април. А, токму неговото име се спомнува најгласно откако ДУИ се премисли и објави дека најверојатно ќе го стави во „мирување“ предлогот за заеднички кандидат со СДСМ. Проценките се, наводно, дека Џафери, како прв Албанец – претседател на македонскиот парламент, најдобро би поминал кај албанскиот електорат во земјава, па и дека би можел да придобие дел од гласачите кои во последните два изборни циклуси се приклонуваа кон СДСМ или кон Беса и Алијансата за Албанците.
Ваквите политички математики, сепак, не се единствената причина поради која ДУИ се откажа наеднаш од идејата за консензуален кандидат, што ја застапува уште од 2014 година кога беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Но, за разлика од пред пет години, кога ВМРО-ДПМНЕ, наводно, не го прифати предлогот на Ахмети за заеднички претседателски кандидат, па ДУИ апстинираше од претседателските избори, овој пат владејачката партија на Албанците реши да учествува директно на изборите.
Коалициските партнери во Владата наидоа на повеќе разногласија и несогласувања во изминатиот период почнувајќи од односот на ДУИ кон СЈО, „китењето со туѓи перја“ за Законот за јазици, разминувањата околу Законот против дискриминација… сè до аферата со ПИОМ и вториот пензиски фонд. Во меѓувреме, беа отворени и неколку кривични постапки против функционери на ДУИ, а имаше и информации дека оваа партија, всушност, стои зад идејата за измени на Кривичниот законик во членот за злоупотреба на службената должност – кој беше повлечен во последен момент пред заокружувањето на уставните измени согласно со Преспанскиот договор.
Сепак, Ахмети, во интервјуто за МТВ, како причина за одлуката за самостоен изборен настап го посочува „неодговорниот и некоректен однос“ на социјалдемократите кои закажале конгрес.
„Ние не се откажуваме од принципот за консензуален претседателски кандидат, но тогаш кога ќе постои реципроцитет. Не можам да гласам или да поддржам кандидат што СДСМ ќе го гласа на конгрес“, изјави Ахмети коментирајќи дека на свадба не се оди непоканет.
Тој тврди дека на одлуката за самостоен изборен настап и претходела длабока анализа, иако само еден ден пред таа да биде соопштена, вицепремиерот Бујар Османи изјавуваше дека се создадени услови за консензуален претседател и дека за тоа се разговара со коалициските партнери.
„Овие неодговорни потези на СДСМ, на неколку нивни високи претставници, се некоректни. Ние не сме ничија патерица ниту, пак, сме нечија опашка. Ниту претходно на Груевски ниту сега на Заев. Направивме длабока анализа и решивме да излеземе со наш кандидат“, рече Ахмети.
Тој откри дека по централното претседателство на ДУИ имало средба со Заев. Посочи дека премиерот бил транспарентен и рекол дека тоа дејствување на некои функционери на СДСМ би го иритирало и него. Ахмети најави дека на следното централно претседателство на ДУИ ќе се разгледуваат прифатливи кандидати за претседател.
Претседателот на Собранието утре треба да ги распише шестите претседателски избори за да се одржат на 21 април и на 5 мај – пред истекот на вториот мандат на актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов – на 12 мај. Од денот на распишување на изборите почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија. ВМРО-ДПМНЕ на 16 февруари ќе одржи конвенција на која ќе се избира претседателскиот кандидат на партијата, за што, формално, има девет претенденти. Конгресот на СДСМ, пак, ќе се одржи на 3 март. Статутот на СДСМ предвидува кандидатите за сите изборни циклуси да бидат потврдени на конгрес. Таква беше процедурата и за сите претходни претседателски избори, независно од тоа дали социјалдемократите настапуваа со партиски или непартиски кандидат.
Александра М. Митевска