Само братучедите останаа недопирливи


Бегството на поранешниот премиер Никола Груевски ги смести неговите поранешни најблиски соработници, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, во затворот во Шутка. За разлика од најбогатиот Македонец Орце Камчев, кој доби пристојно сместување во Шутка во една од „хашките соби“, како што дознаваме, Јанакиески и Божиновски се сместени во обични ќелии. Од она што го слушна македонската јавност во објавените разговори, поранешниот министер за транспорт и врски Јанакиески бил главниот извршител на идеите на неговиот шеф, а на слично ниво бил и тогашниот секретар на Владата, Кирил Божиновски.

Откако Груевски завчера на својот фејсбук-профил ѝ соопшти на јавноста дека е во Будимпешта и бара политички азил, Специјалното јавно обвинителство експресно побара притвор за Јанакиески и Божиновски бидејќи добиле информации дека и тие се спремале да избегаат исто како и Груевски. Обвинителството, на чие чело е Катица Јанева, сè уште нема добиено информации дека поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и прв братучед на поранешниот премиер, се спрема да избега. Мијалков е обвинет за апсењето на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, за еден од случаите на СЈО за изборни нерегуларности, но главното обвинение против поранешниот прв човек на тајната полиција е во предметот „Таргет – Тврдина“, односно за масовно прислушување. Овој случај е сè уште не самиот почеток, а Мијалков не е ниту меѓу првообвинетите, туку е петтообвинет. Засега неговиот пасош е во суд и има обврска редовно да се јавува. Обвинителката на СЈО, Лиле Стефанова, но и нејзината шефица тврдат дека ако има информации дека Мијалков може да избега веднаш ќе побараат притвор, без оглед што не изгледаше така ни за Груевски па заврши во Будимпешта.

„Доколку постои и најмала основа за сомневање дека постои опасност од бегство или влијание врз кој било сведок, веднаш ќе биде поднесено барање за спроведување во притвор, нема недопирливи во оваа држава“, вели обвинителката Стефанова.

Иако Специјалното јавно обвинителство ја уверуваше јавноста дека ќе дојде време и Груевски да ја одлежи својата казна, сепак неговото бегство ја разгневи јавноста и го отвори сомнежот дека власта свесно го пуштила Груевски да избега или тој ги надитрил и покажа дека е неколку чекори пред неа.

Ниту една од институциите што учествуваа во операцијата за негово обезбедување сепак не чувствува одговорност. Специјалното јавно обвинителство вели дека побарале притвор за Груевски уште кога беше покренаа обвинение против него за случајот „Титаник“, но предлогот бил одбиен.

„Кога го поднесовме обвинителниот акт, поднесовме барање и за определување мерка притвор и тогаш Кривичниот совет го одби нашето барање со наводи дека, иако постои опасност од бегство, лицето може да го обезбедат со одземање на патната исправа и јавување на обвинетите еднаш неделно во суд. Во меѓувреме, обвинетиот Груевски побара јавувањето во суд еднаш неделно да му биде заменето со јавување еднаш месечно, по што ние дадовме мислење дека треба да биде одбиено. Судот го прифати, и сега има јавување во суд еднаш месечно. Сите овие услови беа предиспозиција да се случи вакво бегство. Тоа што бил некој политичар или имотен човек, дали бил важен во општеството, воопшто не е важно во тој момент, затоа што секој оној што ќе се најде во ситуација во каква што се обвинетите во ‘Титаник’, каде што им се заканува затвор од најмалку три, четири или пет години, опасноста од бегство е сериозна. Претходно таа опасност од бегство не беше доволно земена во обѕир и се случи тоа што се случи“, вели Стефанова.

Но, факт е дека по пресудата Специјалното јавно обвинителство не побара притвор за Груевски иако неговиот потчинет по пресудата за истиот случај веднаш беше однесен во Шутка. Обвинителот што го водеше случајот „Тенк“, во кој беше осуден Груевски, Стевчо Донев, не одговори на нашите пораки зошто не побарал притвор за Груевски по правосилноста на пресудата. Неговата колешка Стефанова вели дека не може да каже зошто тогаш не бил побаран притвор за Груевски бидејќи таа не го водела предметот. Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески вели дека за ваков криминал притворот се покажал како најефикасна мерка за обезбедување.

„Јавниот обвинител може да побара од судот да определи притвор, а притвор може да се бара и по изрекувањето на пресудата. Може и судот по службена должност да побара мислење да постојат основи за определување мерка притвор по изрекување на првостепената пресуда“, вели Јовески.

Ниту СЈО ниту судот не ги искористија овие можности, а обвинителката Стефанова вели дека вината била институционална.

Среда беше денот кога на Груевски на рочиштето за „Титаник“ требаше да му биде дадено решението и тој да оди во затвор. Но судот не дочека да му ја даде одлуката, Груевски замина за Будимпешта кај неговиот пријател, премиерот на Унгарија, Виктор Орбан. СЈО побара на Груевски сега да му се суди во отсуство, а Јанакиески и Божиновски не беа спроведени од затворот во Шутка. Судењето се одложи за на крајот од месецов.

Заев не го дава Спасовски

Премиерот Зоран Заев не гледа ниту еден пропуст во институциите и не бара одговорност од никого, иако судот не го бараше Груевски оти беше викенд, иако полицијата го бараше по багажници заедно со новинарите, иако СЈО, институцијата која беше формирана за да ја донесе правдата во Македонија, по пресудата не побара притвор за него ниту по правосилноста на пресудата. Исто како и неговите претходници, вели дека оваа влада е чесна и ги почитува Уставот и законите.

„Пропусти нема направено ниту една институција. Единствено ако граничните служби го пропуштиле на официјалните гранични премини и ако граничната полиција направила одредени пропусти веднаш дадовме налог да се истражи целата постапка“, вели Заев. Категорично негира дека има каков било политички договор со Груевски и уверува дека Груевски порано или подоцна ќе се врати во Македонија и ќе ја отслужи затворската казна.

– Јас само ќе кажам уште еднаш каков кукавица е. Цело време велеше дека тој за Македонија е спремен да оди во затвор без разлика што ќе се случи. Тој, само да излезат сите други, е спремен да ја прифати одговорноста и слично. Дојде моментот на прифаќање на одговорноста, избега надвор од државата обидувајќи се претходно да добие нови аболиции. Тоа само по себе потврдува дека е виновен за тоа што е осуден. Тоа веројатно ќе се потврди на суд оти тоа е работа на судот. Македонија единствено има иднина ако има казни. Казните мора да бидат испорачани и да бидат одлежани. Ќе направиме сè во рамки на тоа што е наша надлежност да го испорачаме назад Груевски – рече Заев.

Фросина Факова – Серафиновиќ