Реформаторите плачат за реформа


Советот за реформи во правосудството ќе заседава денеска во обид да се надминат разликите околу начинот на неговото функционирање, кои испливаа на површина во последниве денови откако неколкумина познати професори соопштија дека се заобиколени при подготовката на новите законски решенија.

Членови на Советот што ги консултиравме изразуваат сомневања дека во Министерството за правда се создава, како што велат, паралелна бирократска мрежа на моќ, можеби и без за тоа да знае премиерот, а чија цел, како што се наведува, е да креира регулатива која потоа ќе овозможи и влијание при изборот на судии. Советот за реформи, велат нашите соговорници, практично е оставен без работа, иако во него се ангажирани познати професори и судии. Тие имаат забелешки на комуникацијата со министерот за правда Биљен Салиу, а посебно за неговиот заменик Оливер Ристовски, кој, како што велат, го диктирал начинот на функционирање на Советот.

Ристовски не сакаше да ги коментира вчера наводите дека е можно тој и министерот за правда, кои сега претседаваат со Советот, да се повлечат од ова тело. Тој рече дека на денешниот состанок ќе бидат слушнати сите размислувања и забелешки и дека потоа Министерството за правда ќе испрати соопштение. За досегашното функционирање на Советот вели дека можеби динамиката на работа не била доволна, ама дека Министерството за правда било под притисок и на други работи и рокови.

Сепак, сите законски решенија и документи што беа во овој период испраќани од Министерството до Владата поминаа прво преку Советот за реформи“, ни изјави Ристовски.

Иако во Советот за реформи во правосудството веќе падна и првата професорска оставка (на професорот Гордан Калајџиев), а не се исклучени и нови, вицепремиерот Бујар Османи оцени вчера дека ова тело завршило одлична работа во изминатиот период. Османи посочи дека како резултат на таа работа е донесена Стратегијата за реформи во правосудството и Акциски план врз основа на кој треба да бидат донесени 30-ина закони.

Советот реално направи одлична работа. Стратегијата, која на почетокот беше оценета како политички документ, беше подготвена токму од ова тело. Беа земени предвид сите препораки на Европската комисија, на Венециската комисија и на ГРЕКО и на крај добивме финален документ, кој Европската комисија го одобри и ние тој документ го одобривме на Влада. Врз основа на тој документ веќе има Акциски план за триесетина закони со рок на предвидено донесување. Можам само да ја пофалам работата на Министерството за правда и на Советот за спроведување реформи. Може да има различни индивидуални ставови што ние сериозно ги земаме предвид, но како колективно тело мислам дека Советот заврши добра работа“, оцени Османи.

Универзитетскиот професор Љубомир Фрчковски, пак, вели дека Османи можеби мисли на Комисијата за реформи во правосудството бидејќи, всушност, преку неа, како оперативно тело, се одвивал процесот на подготовка на Стратегијата. Според Фрчковски, денешниот состанок во Министерството за правда е можност функционирањето на Советот да се врати на почетните основи, наспроти досегашниот начин на дејствување кога главниот збор го имале група административци во Министерството за правда, вклучително со Комисијата за реформи и групите што се формирале за подготовка на поединечни законски решенија.

Или ќе нѐ остават да го работиме тоа за што бевме поканети да учествуваме во Советот, или функционирањето на ова тело ќе стане беспредметно“, коментира Фрчковски.

Тој вели дека Советот е моментно без ингеренции, иако бил замислен како своевиден супервизор, односно центар на идеи за тоа како да се развива судската реформа. Затоа, вели Фрчковски, во Советот за реформи има толку професори, судии. Составот, додава, е многу посилен од другите ангажирани работни тела кои ги прават законите во Министерството за правда и воопшто од самото Министерство.

Тоа што сега се случува со Советот е како да ве облечат во фудбалски дрес и потоа да не ви даваат топка да играте“, нагласува Фрчковски.

Во Министерството за правда се формирани неколку работни групи што треба да ги подготват клучните регулативи за реформа на правосудството. Дел од тие групи се предводени од административци, а дел од универзитетски професори. Групите за подготовка на законите за свиркачи, за судови и за Судскиот совет, за извршување и за нотаријат, според информациите, ги раководат административци, додека во групите за казнено законодавство, за заштита на сведоци и за мониторинг на Стратегијата за реформи во правосудството биле ангажирани професорите Владо Камбовски, Никола Тупанчевски и Ана Павловска-Данева.

Бурата околу Советот се крена по оставката на Калајџиев, кој изјави потоа дека реформите не се одвиваат на начин на кој тој замислувал во однос на брзината и вклученоста на луѓето што се засегнати од реформите. Калајџиев оцени дека Советот е мошне маргинализиран, се свикува многу ретко – еднаш во два месеца, а на дневен ред се поставуваат прашања по избор на Министерството.

Некои важни иницијативи се одбиваат без аргументација, така што Советот го доживувам повеќе како декор на Министерството и Владата отколку како вистински Совет за реформи“, изјави Калајџиев.

Потоа, и професорката Мирјана Најчевска најави оставки од повеќето членови на Советот доколку, како што рече, Владата не ги уважи сугестиите и барањата на експертите ангажирани во ова тело.

Се надевам дека на толку многу експерти, судии, обвинители, експерти во Советот ќе имаме доволно сила да се наметнеме. Доколку не успееме во тоа, тогаш најголем дел од членовите ќе поднесат оставка бидејќи се обесмислува нашето присуство во едно вакво тело“, изјави Најчевска.

Александра М. Митевска