Радев: Решението за името не треба да влијае врз интересите на трите држави


Спорот околу името треба да биде решен во полза на трите држави, Македонија, Грција и Бугарија, порача бугарскиот претседател Румен Радев пред неговото утрешна посета на земјава.

Тој во интервју за агенцијата БГНЕС, изјави дека за таа цел бугарските власти ќе бидат во контакт со македонските.

„Бугарија секогаш се стремеше да и помага на Република Македонија и дел од таа помош е ние да не бидеме пречка, да не го оптоваруваме овој спор, кој треба да се реши меѓу Македонија и Грција. Во тој поглед, може да се смета на нас. Но јас верувам дека овој спор ќе биде решен на таков начин што нема да влијае на интересите на ниту една од овие три држави. За нас тоа значи во името да нема географски одредници кои содржат делови од територијата на Бугарија. Затоа ќе бидеме во контакт со македонските власти за да се најде решение на најдобар можен начин“, изјави Румен Радев.

Тој во земјава доаѓа со двајца митрополити од Бугарската православна црква, пловдивскиот митрополит Николај и старозагорскиот митрополит Кипријан.

Како што е познато Македонската православна црква-Охридска архиепископија побара БПЦ да и стане Црква-мајка. Бугарскиот претседател вели дека тоа е прашање исклучиво во ресорот на црковната дипломатија и прашање по кое ќе одлучат двете цркви.

Претседателот на Бугарија утре ќе ја посети Македонија, при што ќе оствари средба со македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов. На агендата предвидена е и средба на Иванов и Радев со претставници на стопанските комори од Република Македонија и од Република Бугарија.