Пчелите на покривот на собранието во Виена годишно произведуваат 180 кг мед
Виенското собрание не е само седиште на политиката, туку и на пчелите. Од 2014 година неколку кошници се наоѓаат на покривот на градското собрание во главниот град на Австрија. Тие се дел од активната заштита на пчелите во градот, а на старите стебла во паркот пред собранието наоѓаат разновидна храна.
Овие пчели, годишно произведуваат повеќе од 180 кг мед, кој се користи во добротворни цели.
Градоначалникот на Виена, Михаел Лудвиг, нагласи дека Градот се залага за заштита на пчелите и поддршка на органското земјоделство.
„Кошниците на покривот на собранието се пионерски проект. Виена се залага за одржување на природата во градот, а фактот дека пчелите овде се чувствуваат добро, нѝ оди во прилог“, вели Михаел Лудвиг.
Големите градови на пчелите им нудат разни живеалишта и храна. Во парковите, алеите и малите градини, како и во саксиите со цвеќе, пчелите може да соберат нектар. Педесет отсто од градската површина на Виена се зелени површини поради што во текот на летото има и до 200 милиони пчели.
Повеќе од 5.000 кошници се распоредени по виенските зелени површини, а некои од нив се сместени на многу необични места како главните градски гробишта или покривот на хотелот „25hours”.