Производителот од Белгија ќе ги испитува вакцините во Македонија


Инспекторите на Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД ја чешлаат целата документација на компанијата „Македонија лек“, која е увозник и дистрибутер на вакцината МРП до здравствените домови. Инспекторите вршат контрола и во вакциналните пунктови, а до крајот на денот, според министерот за здравство Венко Филипче, ќе се знаат наодите и кој го направил пропустот со декларациите со застарен рок на вакцините. Проверката следува откако при вонредниот инспекциски надзор беше утврдено дека на 61 пакување на вакцината МРП има аплицирано декларација со изминат рок, до октомври 2018 година. За настанатиот проблем, грешката со аплицирањето на декларациите, известен е и производителот на вакцината „Глаксо Смит Клајн“ (GlaxoSmithKline) од Белгија, чии претставници најавија дека ќе дојдат во контрола во земјава.

Инспекторите на МАЛМЕД се на терен, и во институции и во компанијата. Првичните резултати ги очекуваме до крајот на денешниот ден. Иако првично сево ова докажува дека е технички пропуст од страна на компанијата, јас ќе бидам внимателен, ќе ги почекаме наодите од Агенцијата за лекови која има ингеренции да го прави ова. Исконтактиравме и со производителот на вакцината, ќе имаме средба со нивни претставници што треба да пристигнат од странство“, истакна Филипче.

Министерот смета дека е направен голем пропуст со аплицирање декларации со истечен рок. Во вторникот изјави дека ако во контролата се докаже пропуст ќе се разгледа можноста за раскинување на сите договори со компанијата увозник и дистрибутер на МРП вакцините и дека ќе ѝ се одземе дозволата за работа. Ќе има ли санкции и за здравствените домови каде што се дистрибуираа вакцините, а при доставата се направил пропуст?

„Секој ќе си ја понесе одговорноста. Секој мора да ја понесе одговорноста согласно законите, поради тоа што правиме сериозни чекори да го зајакнеме нашиот здравствен систем. Нема да дозволиме вакви пропусти. Иницијално идентификувавме на кое ниво е пропустот, ќе продолжиме со санкции кога тоа официјално ќе се потврди. Од целокупниот процес на прием, обележување на пакувањата и дистрибуцијата, Агенцијата за лекови имала улога пред лепењето на декларациите, а потоа обврската да ги провери е на тој што ги прима“, објасни Филипче.

Од компанијата „Македонија лек“ во соопштението за јавноста подвлекоа дека сите вакцини се со важечки рок и безбедни за употреба уверувајќи ги граѓаните да бидат спокојни. Потенцираа дека ова било констатирано по извршената внатрешна контрола по информациите што се појавија во јавноста за можно присуство на вакцини со истечен рок. Објаснуваат и дека при контролата била откриена помала техничка грешка која вработените ја направиле при аплицирање на декларациите.

„Контролата покажа дека сите МРП вакцини од марката ‘приорикс’, кои нашата компанија ги дистрибуира, се со важечки рок и сигурни за користење. На вакциналните пунктови има дистрибуирано вакцини од две серии, едната со важност до мај 2019 година, а другата до јули 2019. При контролата, откриена е помала техничка грешка која вработените ја направиле при аплицирање на декларациите. Имено, кај мал дел од пакувањата се аплицирани старите декларации со датумот од претходниот увоз, односно октомври 2018 година. Нашата компанија се извинува за овој пропуст и непријатностите што биле предизвикани. Овие пакувања се веднаш повлечени за да не се прават понатамошни забуни во јавноста и соодветно ќе бидат заменети. Граѓаните може да бидат сигурни дека сите вакцини се со врвен квалитет и важечки рок“, соопштија од „Македонија лек“.

Од „Македонија лек“ рекоа и дека вакцината МРП компанијата ја увезува од 2016 година и во континуитет непрекинато се испорачува до здравствените установи со стандарден квалитет.

Од прогласувањето на епидемијата на морбили во Скопје досега со вакцината МРП се имунизирани 10 отсто или 1.300 од дечиња. Министерот вели дека има интерес кај родителите да ги вакцинираат своите деца и по информациите дека има вакцини на кои се аплицирани декларации со изминат рок.

„Родителите доаѓаат во вакциналните пунктови да ги вакцинираат своите деца. Интересот не беше намален ниту за време на празниците бидејќи во вторникот беа вакцинирани стотина деца, што е потег за поздравување на родителите“, рече министерот.

Од вчера има уште два нови случаи за кои здравствени власти чекаат потврда дали се заболени со морбили. Станува збор за две деца, едното од населбата Радишани, а другото од Ново Лисиче. Она што згрижува е што сево ова го продолжува периодот на инкубација. И новите случаи не се вакцинирани со МРП вакцина, така што во моментов на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби хоспитализирани се девет лица.

Вероника Мароска-Леова