Продолжува судењето за „Титаник“


Во Кривичниот суд денеска треба да продолжи судењето за предметот „Титаник“ на СЈО за изборните нерегуларности.

На претходото рочиште на 18 октомври беа преслушани околу 90 „бомби“. Во „Титаник“ се предложени повеќе од 1.000 аудиоснимки во листата на материјални докази од СЈО, од кои на досега се преслушани повеќе од 600.

Најголем дел од „бомбите“ на претходното рочиште беа од 24 март 2013 година, за локалните избори, од кои се слуша како Миле Јанакиески се јавува по луѓе, за да се информира како оди излезноста и дали се јавуваат и работат за излезност на гласачите.

Од разговорите можеше да се чуе како Миле по план и саат се јавува по луѓе и им кажува кога „да притиснат повеќе, да се работи во кол-центрите, кога „да истурат повеќе луѓе каде се послаби, па дури и да се јавуваат по фирмичиња со кои имале соработка“, а кога пак „да престанат со јавување и сите луѓе да ги изнесат да одат од врата на врата“.
 Освен со претседатели на месни комитети и пониски членови од партијата, Миле Јанакиевски разговара и со поранешниот премиер Никола Груевски, ексминистрите Гордана Јанкуловска, Никола Тодоров и Антонио Милишоски, но и со Амди Бајрам и Драган Павловиќ-Латас.
 Во „Титаник“ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.