Пробација – преку ресоцијализација до намалување на затворската популација


Пробациските работи и алтернативните мерки имаат функција на ресоцијализација и намалување на затворската популација. Република Македонија од 2016 година има нов Закон за пробација, со кој се предвидува отворање пробациски канцеларии во 11 града со 90 пробациски службеници, додека од тоа моментално функционира само Канцеларијата за пробациски работи во Скопје, каде што има само тројца вработени.

Досега Законот за пробација е искористен само во шест случаи, од кои пет во 2017 година и само еден во 2018 година. Сите за условен отпуст и ниту еден за општокорисна работа или куќен затвор.

Истовремено во најголемиот затвор во Македонија „Идризово“ со капацитет од 800 затвореници, според официјалните статистики во 2017 година казна издржувале 1.850 осуденици. Во останатите затвори низ државата бројката на затворници се движела околу 2.900, додека четири илјади осудени лица чекаат да влезат во затвор. Македонија, според податоците на Советот на Европа, е трета земја по пренатрупаност на затворите со 123 пратеници на 100 слободни места.

Пробација со една канцеларија и тројца пробациски службеници

Пробациските работи според закон ги извршуваат пробациски службеници од Управата за извршување на санкциите врз основа на барање или одлука на суд, а врз основа на претходна согласност на лицето спрема кое се однесуваат. Наместо досегашни искуства од примената на Законот за пробација и алтернативните казни со цел ресоцијализација на осудениците преку општокорисна работа, пробациските службеници Драган Нешкоски и Васил Димовски од Канцеларијата за пробациски работи во Скопје кажуваат дека конкретно пробацијата не функционира и дека е рано да се зборува за бенефиции.

– Законот за пробација е донесен во 2015, стапил во сила во 2016 година и фактички оттогаш досега е направено само тоа. Пробацијата не функционира. Од стапувањето во сила на законот се шест случаи, за 2017 година сме имале само пет случаи, а за 2018 година еден случај, вели Димовски.

Конкрентно сите судски решенија, посочува Димовски, се донесени и се однесуваат на условниот отпуст, додека во согласност со Законот за пробација е предвидено спроведување на алтернативните мерки, и тоа условен отпуст, условен отпуст со заштитен надзор, општокорисна работа, куќен затвор и парична казна, но која не влегува тука.

Нагласува дека функционира само условниот отпуст, додека општокорисна работа не се изрекува, а куќен затвор се изрекува, но не по овој закон и го спроведува МВР.

– Кога е донесен законот направена е стратегија за формирање пробациска служба, според што досега на хартија би требало да има 90 вработени лица како пробациски службеници, со административен кадар, записничари и дактилографи. Досега функционира само канцеларијата во Скопје, каде што се вработени само тројца пробациски службеници, а оптималната бројка е 16 вработени, вели Димовски.

Законот предвидува отворање пробациски канцеларии и во Битола, Прилеп, Охрид, Гостивар, Тетово, Куманово, Велес, Кочани, Струмица и во Штип. Од канцеларијата во Скопје посочуваат дека се прават напори да се издејствува вработување и во останатите градови и дека во план е до крајот на оваа година да стартува канцеларијата во Прилеп.

– Целта е во иднина да се стартува со пробацијата и првично да се активира процесот на ресоцијализација да се намали затворската популација со цел едно осудено лице многу полесно да се интегрира во општеството. Конкретно тука мислам за полесни кривични дела да се изрекуваат ефективни казни, односно казна затвор од шест месеци, па година и натаму. Целта е тие помали казни да се заменат со алтернативните мерки, вели Димовски.

Изречените условни отпусти се многу мали, од месец-два најмногу до четири месеци, додека според сите препораки, за да биде успешна пробацијата, треба најмалку една четвртина од вкупно изречената казна да биде пробациска мерка.

– Постапката почнува кога ќе се исполнат 2/3 од казната. Ако е нормално се, кога ќе излезе ние треба да добиеме програма и да имаме листа на организации, приватни субјекти и јавни претпријатија што имаат потреба од одреден број квалификувана работна сила, со цел да му најдеме вработување, бидејќи без вработување тој може многу малку да остане на слобода пред повторно да направи ново дело, објаснува Димовски.

Судовите ги „одбегнуваат“ пробациските мерки, а пробациската служба нема ресурси

Од Канцеларијата за пробациски работи велат дека има многу фактори што влијаат за да има добро функционален систем за пробација.

– Најголем проблем се финансиите и вработените. Во Идризово едно лице воспитувач има од 100 до 150 осуденици во група и тој нема време да ги погледне сите, а не покрај редовните обврски да изготви и лист за процена на ризик, кој е околу 40 страници. Тоа е формулар, каде што само се пополнуваат податоци, но за квалитетно да се направи сепак се потребни два-три часа, за кога ќе го види судијата да може да донесе одлука, вели Димовски.

Покрај немањето ресурси и малиот број вработени, проблем претставува и тоа што воспитувачите во затвор кои ги изготвуваат молбите и барањата за пробација наидуваат на отпор кај судиите.

– Официјална статистика нема, меѓутоа околу 80-90 проценти од поднесените молби за условен отпуст по Законот за пробација се одбиваат. Во случај судијата да се охрабри да определи мерка условен отпуст, тука настанува проблем со обвинителството, кое веднаш поднесува жалба и најчесто останува краток период. Во тие лавиринти ќе изминат три-четири месеци и фактички излегува на слобода со целосно издржана казна, објаснува Димовски.

Голем дел осуденици, објаснува Димовски, не се обидуваат да почнат со овој процес бидејќи со последниот случај додека заврши постапката останаа само 29 дена за пробација. Од друга страна, се применува уште членот од Законот за извршување санкции каде што стои дека директорот на затворот може при истекот на казната на затвореникот да му определи условен отпуст од два-три месеци, во зависност од изречената казна.

Според пробацискиот службеник Драган Нешкоски, доколку има повеќе вработени пробациски службеници низ цела Македонија, и судиите ќе имаат поголема можност да досудат пробациски алтернативни мерки.

– Имаме случаи кога се јавуваат од други градови, каде што знаат дека законот е донесен, но уште не е профункционирана канцеларијата. Интересно е дека и затворениците веќе се доста информирани и знаат за пробацијата. Се јавуваат по телефони и прашуваат дали исполнуваат услови, вели Нешкоски.

Од Кривичниот суд во Скопје информираат дека судиите посетуваат редовни обуки организирани од Академијата за судии и јавни обвинители како и други институции, граѓански (невладини) здруженија и меѓународни организации во земјата, а поврзани со спроведување на Законот за пробација.

– Потребно е да се напомене дека се работи за релативно нов закон, за чие спроведување неопходно е исполнување и на други технички услови за кои се надлежни и другите институции, како на пример, набавката на електричните алки кои, според нашите сознанија, дел се набавени, а дел се во фаза на набавка и истите прво треба да бидат истестирани. Судот е во постојана комуникација со Министерството за правда, како и со Управата за извршување санкции во однос на спроведување на пробацијата и со исполнување на сите услови сметаме дека бројот на пресуди што ќе бидат донесени врз основа на Законот за пробација постојано ќе расте, се наведува во писмениот одговор од Основен суд Скопје 1 – Скопје, за тоа колку и како се применува Законот за пробација.

Искуства од Германија и од Холандија за промоција на општокорисната работа во Скопје

Искуствата од западните земји покажуваат дека добро поставен и функционален пробациски систем на долг рок ја редуцира затворската популација и помага за реинтеграцијата во општеството, локалната заедница има корист од применувањето на општокорисната работа и помага во јакнење на јавната доверба во казнено-поправниот систем.

Тоа подразбира дека дел од одговорноста за осудените лица од казнено-поправните домови се пренесува и на останатите институции, социјалните органи и служби.

Од Канцеларијата за пробациски работи најавуваат дека е почнат твининг-проект со Германија и со Холандија за јакнење на пенетенцијарниот систем и пробациската служба на РМ, во рамките на кој во следните две години ќе се работи на промоција и стартување на општокорисната работа во Скопје. За таа цел се предвидени обуки и состаноци со Агенцијата за вработување, Центарот за социјални работи и обука на идни пробациски службеници, како и обука и тренинг на судии и јавни обвинители.

– Во Холандија се повеќе осуденици на тешки кривични дела, како сексуални престапи и педофилија, не се ставаат во затвор воопшто, туку се реинтегрираат во заедницата. Имаат многу развиен систем и веднаш по излегување имате лице кое е со тебе, обезбедува работа и сместување. Во затворите следат обука и кога ќе излезат од затвор веќе се подготвени. Фактички пробацискиот службеник е само како контрола да не забега лево-десно, а се веќе му е договорено. Имаат опција за контрола до три-четири години, вели Димовски.

Посочува дека во Германија од 200 илјади осуденици годишно, 80 проценти или се парични казни или одат на пробација, додека 20 проценти одат во затвор, од кои 75 отсто подлежат на пробација.

(МИА)