Преспа создаде историја – од двете страни на границата


Од известувачите на „Независен весник“

Слободанка Јовановска

Никос Фрагопулос

 

Псарадес, Отешево – Грчкиот премиер Алексис Ципрас ја доби на подарок црвената вратоврска на македонскиот колега Зоран Заев. За медијаторот на ОН, Метју Нимиц, беше подготвена роденденска торта, а роденденски честитки примаше и комесарката на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини… Уште многу вакви неформални детали, како пристигнувањето на македонската делегација во Псарадес со чамец, па враќањето заедно со грчките владини претставници во Отешево, каде што беше организиран свечен ручек… ја комплетираа славеничката атмосфера за време на церемонијата на потпишување на договорот за надминување на спорот за името меѓу Македонија и Грција.
Додека на неколку десетици километри подалеку од преспанските села Псарадес и Отешево, на двете страни од овој дел на грчко-македонската граница, се одржуваа протести на десничарските опозициски партии и здруженија, владејачките функционери на двете земји еуфорично го одбележаа чинот на финиширање на четвртвековниот спор. Со постигнатиот договор, почнува преименувањето на Македонија во „Република Северна Македонија“, како име со географска одредница за севкупна употреба. Најголемата придобивка за македонските преговарачи, пак, е тоа што останува придавката македонски во однос на јазикот и идентитетот.
На свечената церемонија во Псарадес, во чие подготвување беа вклучени повеќето жители на ова мало рибарско место од грчката страна на Преспанското Езеро, покрај Нимиц и Могерини, присуствуваат и други високи претставници на меѓународната заедница, како потсекретарката за политички прашања на ОН, Розмари ди Карло и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

 

Грчкиот премиер Ципрас и шефот на дипломатијата Никос Коѕијас беа пречекани со аплаузи во Псарадес. Откако претходната вечер грчката влада го „преживеа“ тестот на доверба што го иницираше опозицијата во парламентот во Атина, Ципрас и неговата придружба пристигнаа со автомобили на локацијата каде што се потпиша договорот за името. Македонската делегација, предводена од Заев, а во чиј состав беше и шефот на дипломатијата Никола Димитров, како и вицепремиерите Радмила Шекеринска, Бујар Османи и Оливер Спасовски, кои се упатија со чамец кон грчкиот дел од езерото.


На скромното пристаниште во Псарадес, Заев и министрите наидоа на топол пречек од Ципрас и Коѕијас. По ракувањата и прегратките за добредојде, владините претставници се упатија кон местото каде што беше потпишан договорот, а каде што беше забележливо присуството на многу новинарски екипи, не само од Македонија и од Грција, туку и од други земји, а имаше и засилено обезбедување. Полицијата во околината на Псарадес дури и употреби солзавец за ги растера демонстрантите кои се обидуваа да упаднат во безбедносниот периметар и да стигнат до селото.
На церемонијата имаше и пратеници од владејачките левичарски партии од Македонија и од Грција, поточно од СИРИЗА, СДСМ и од ДУИ. Тие потоа останаа на заеднички ручек во Псарадес, додека владините претставници од двете земји и претставниците на ОН и на ЕУ се упатија кон Отешево. На свечениот ручек што беше приреден таму имаше традиционални јадења, како бифтек, ѓомлезе, шампињони, но и баклава, палачинки и ракија. По враќањето во Грција, Ципрас рече дека атмосферата во Отешево била многу весела – како на свадба.
Заедничкото преминување на водената граница меѓу двете земји имаше посебна симболика за време на величествената и еуфорична церемонија која се одржа на двете скромни, запуштени и речиси заборавени локации на двете страни од Преспанското Езеро. Сепак, Заев го спореди потпишувањето на договорот со поместување на планини.
– Моето чувство е дека со потпишувањето на конечниот договор и решавањето на прашањето за името навистина поместивме планини. Денес ставаме крај на повеќегодишни разлики кои издигнаа ѕид меѓу соседите – рече Заев.
Ципрас, пак, го спореди чинот на потпишување на договорот со песна откривајќи притоа и дека е љубител на балканската музика, особено на блех-музиката, но и на среќните и весели мелодии од регионот.

 

– Денес овде во Преспа почнуваме да пишуваме нова среќна песна. Дојде време повторно да пееме среќни песни на Балканот, а денес се прави првиот смел чекор во оваа насока. Нашата цел е оваа песна на радоста да се пее многу векови и од многу идни генерации, на нашиот јазик и на вашиот јазик, во нашата земја и во вашата земја, од нашиот народ и од вашиот народ – рече грчкиот премиер.
Еврокомесарката Могерини рече дека постигнатиот договор не е важен само за Македонија и за Грција, туку и за Европа и за светот. Таа најави дека ЕУ ќе го следи процесот на имплементација на договореното.
Наспроти тоа, новиот опозициски лидер Христијан Мицкоски испрати порака од протестот во Битола дека и по цена на живот нема да го прифати договорот што го постигнаа Заев и Ципрас. Со тоа останува отворена дилемата како понатаму ќе се спроведува договорот, со оглед на тоа што за дел од етапите од тој процес, како што се референдумот или уставните измени, ќе биде неопходна вклученост на опозицијата.
Имплементацијата на преспанскиот договор почнува уште утре. Македонската Влада, на утрешната седница, треба да го усвои документот и да го испрати на ратификација во парламентот, по што ЕУ и НАТО би биле известени дека е отстранета најголемата пречка од патот на Македонија кон Брисел.