Пред законот и бремените се еднакви


Пред законот сите се еднакви. Не е битно дали се работи за политичка личност, дали е од ВМРО-ДПМНЕ или е од СДСМ, но судиите не треба да се однесуваат брутално кон обвинетите, како што се однесуваа во време на ВМРО-ДПМНЕ кога жени изгубија деца по затворите.

Вакви се коментарите на адвокатите и правниците по отвореното писмо на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која им се пожали на министерките за правда и труд и социјална политика, Рената Дескоска и Мила Царовска, на постапувањето на судијката Добрила Кацарска во случајот „Тенк“.

Јанкулоска, која е бремена во деветти месец, се жали на нејзиниот третман, бара помош преку отворени писма, но првата слика во јавноста за нејзините повици беа нејзините изјави кога беше министерка за внатрешни работи, кога постојано се повикуваше на Уставот и законите и во чие време се апсеше пред телевизиските камери, а дел од случаите влегоа и во меѓународни извештаи како политички монтирани.

Сепак, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, смета дека треба да се води сметка за нејзиното здравје и за здравјето на детето и да не се повторува она што се случуваше кога владееше ВМРО-ДПМНЕ, во чија влада Јанкулоска беше министерка.

„Мислам дека треба да се води сметка за здравјето на детето кое го носи. Не би требало судиите да се однесуваат на начин како што се однесуваа во времињата кога владееше ВМРО-ДПМНЕ, кога системот навистина беше брутален, кога жени изгубија деца во затвори. Мислам дека треба да се води сметка и за тоа прашање особено што оваа власт се декларираше дека е различна од претходната. Треба да биде преиспитана нејзината способност да присуствува на судењата и како тоа би влијаело на нејзината бременост и на здравјето на плодот“, вели Пировска.

Адвокатот Звонко Давидовиќ порачува дека законот треба да биде еднаков за сите, треба да се остави настрана тоа што некој е политичка личност.

„Не е битно дали некој е од ВМРО – ДПМНЕ или е од СДСМ, или е политичка личност. Имаме обвинение, имаме некој што го товари обвинителството за определена работа и неговата одбрана. Доказите ќе си покажат, тоа треба да се тргне настрана. Овој бил ова, овој бил она, пред законот сите се еднакви“, вели Давидовиќ.

Тој констатира дека истите судии порано се однесувале поинаку и се присетува на случајот со притвореничката од случајот во „Пајажина“ која го изгуби бебето додека беше во притвор.

Реакциите на Јанкулоска и отворените писма следуваат по рочиштето во петокот за случајот „Тенк“, кога судијката Кацарска побара вештачење на медицинската документација и преглед на Јанкулоска за да се утврди дали таа може да ги следи рочиштатата. На ова рочиште во петокот не присуствуваа медиумите бидејќи првично беше закажано за 4 јуни, но судијката го презакажала за порано.

Кое ќе биде вештото лице кое ќе ја прегледува Јанкулоска и документација, ќе одреди судијката од списокот на вештите лица. Кацарска и даде рок на одбраната најдоцна до утре да ја достави нивната медицинска документација. Од мислењето на вештакот ќе зависи како понатаму ќе се одвива судскиот процес. Судијката во разговор за „Независен“ вели дека сега не може ништо да коментира.

„Не можам ништо да коментирам затоа што чекам што ќе биде со вештачењето. Тогаш може да добиете информации и тоа од Судот најверојатно ќе има известување, ама не знам, ќе видиме“, вели Кацарска.

За одбраната е спорно тоа што се бараат дополнителни вештачења бидејќи за нив имало многу фактори кои укажувале на тоа дека бременоста на Јанкулоска е ризична.

„Од медицинската документација се гледа дека е влезена во деветти месец, се гледа дека жената е 43-годишна, се гледа дека е вештачки оплодена и самите тие фактори, и без преглед, се фактори за ризична бременост. На тие години жени цела бременост ја лежат, а не последните денови. Меѓутоа, судот сака да проверува, сака да испитува, сака да суди и во нејзиниот деветти месец и сега е тоа негово право, ние на тоа реагираме, но не можеме ништо на одлуките“, вели еден од адвокатите на Јанкулоска, Боро Тасевски.

Доколку вештакот одлучи спротивно на медицинската документација, одбраната има право да направи друго вештачење со нивни вештак.

Адвокатот Давидовиќ, пак, коментира дека судијката има право да изрази сомнеж на документацијата и да побара вештачење.

„Судијата не е должен да поверува, може и да провери. Може да не им верува, има ситуација, има вештачење ама не е комплетно, треба да се дополни, да се направи супервештачење. Вештакот се бара од списокот на вештаци на Судот и тој не мора да значи дека ќе биде од Клиниката за гинекологија и акушерство“, вели Давидовиќ.

Јанкулоска во писмата до јавноста за повреда на нејзините права ја обвинува Кацарска, која ја нарекува заеднички именител за повреда на нејзините права.

„Ваквото постапување на судијата и на СЈО го покажува нивното вистинско лице на бескрупулозен извршител на политички нарачки за кои подолго време пишуваат медиумите, со што повредува повеќе меѓународно загарантирани права“, се вели во дел од реакцијата на Јанкулоска.

Постапката за „Тенк“, за набавката на луксузниот „мерцедес“, за Јанкулоска е одвоена од април годинава. Неа ѝ се суди одвоено за злоупотреба на службената положба, а за овој случај веќе беа донесени првите пресуди. Поранешниот премиер Никола Груевски беше осуден на две години затвор, а поранешниот помошник во МВР, Ѓоко Поповски, за исполнувањето на желбата на Груевски, МВР да купи луксузен блиндиран „мерцедес“, доби девет години затвор.

На Јанкулоска ѝ се суди и во случајот „Титаник“, за изборни манипулации и за случајот „Таргет – Тврдина“. Следното рочиште за „Титаник“ е закажано за 13 јули, а за масовното прислушување на 19 јуни.

Фросина Факова – Серафиновиќ