Пратениците ќе молчат пред суд


Првообвинетите за упадот во Собранието, кој се случи на 27 април минатата година, пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски, кои се товарат дека вечерта ги отвориле вратите за да влезе гневната толпа, нема да го искористат своето право да дадат исказ пред судот, односно да кажат што според нив се случило на крвавиот четврток. Нивниот колега Љубен Арнаудов сè уште размислува дали во суд ќе каже нешто бидејќи не се консултирал со својот адвокат Дончо Наков. Овие тројца пратеници, заедно со уште петмина свои колеги од ВМРО-ДПМНЕ ја одиграа клучната улога во прифаќањето на уставните измени во Собранието кои се потребни за имплементација на договорот од Преспа. Истовремено, пратеникот Мукоски, кој имал предложено 15 сведоци, ги повлече дел од предлозите и најави дека во негова корист ќе сведочат само двајца. Другите двајца обвинети пратеници, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски, кои кога се гласаа уставните измени станаа од пратеничките столчиња и не го поддржаа отворањето на Уставот, рекоа дека ќе дадат своја одбрана. Љупчо Димовски ќе предложи и видеоснимки во своја полза, а Јохан Тарчуловски ја повлече целата листа на докази што ја предложил.
Одбраната треба да ги презентира своите докази од понеделник, откако обвинителството ќе заврши со своите докази. Вчерашното рочиште беше одложено бидејќи обвинителката Вилма Русковска била на погреб во Охрид.
Овие одлуки на обвинетите пратеници доаѓаат по најавата на премиерот Зоран Заев дека во духот на помирувањето ќе бидат амнестирани дел од обвинетите за упадот во Собрание, односно оние што не направиле насилство.
Александар Новаковски, адвокат на Сашо Василевски, вели дека одлуката неговиот клиент да не даде исказ пред судот нема никаква поврзаност со најавите за амнестија бидејќи тоа било стратегија на одбраната и пред најавите за амнестија. Тврди дека ќе поднесат листа на материјални докази и најавува дополнување на тие докази во соодветна фаза од постапката.
Сепак, кој ќе биде опфатен со најавената амнестија сè уште не е јасно. Пратениците не ги коментираат најавите за амнестија пред новинарите и не одговараат дали политички се пазарат за својата слобода. Единствено овие најави ги искоментираа шефот на обезбедувањето на поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски – Леви и Богдан Илиевски. Ѓошевски на снимките што беа прикажани во судот ја насочуваше толпата и го покажуваше патот до прес салата во Собрание,а сега вели дека не сака да коментира политички одлуки.
„Јас ѝ го препуштам тоа на комисијата што го преговара, инаку овде сме во суд во постапка што си ја водат обвинителството и судот. Јас својата невиност сакам да си ја докажам овде пред судот и не би сакал да се мешам во политички одлуки. Јас сум полицаец, сум постапувал по своите задачи, не можам да се мешам во судството“, вели Ѓошевски.
Еден од организаторите на протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“, Богдан Илевски, вели дека не знае дали ќе биде опфатен со најавената амнестија.
„Очекувам на крај да можам да кажам, слободата е вистинска правда за тие што сме неправедно обвинети“, вели Илиевски.
Министерката за правда Рената Дескоска вели дека кои лица ќе бидат опфатени со евентуалниот закон за амнестија ќе зависи од телото за помирување. Според неа, кога се прави закон за амнестија, се прави врз основа на повеќе членови.
„Се амнестираат лица по наведени членови од Кривичниот законик. Така што јас не знам кои им се обвиненијата. Дали има за учество во толпа што извршила насилство, дали има за конкретно насилство, дали има за организација, за поттикнување и слично. Различни дела се. Во законот за амнестија треба да се дефинира точно кои кривични дела врз основа на Кривичниот законик би се опфатиле. Јас не им ги знам обвинителните акти ниту сум ги проучувала. Тоа е прашање што треба да се разговара во телото во Собранието“, рече Дескоска.
Таа е на иста линија со премиерот Заев и вели дека амнестија не може да има за секого и дека таа нема да биде удар за судството.
„Теоретски, постојат два типа пристапи во делот на правдата. Удар на владеење на право е ако се мешате во судството, ако се мешате во обвинителството, ако им кажувате како да постапуваат. Факт е дека судовите и јавните обвинители работат врз основа на законите. Ако се донесе закон за амнестија, тоа ќе биде исто така законска основа по која ќе треба да постапуваат и судството и јавното обвинителство“, вели министерката.
Како што се најавува, можните модели на амнестија, најверојатно, би произлегле од новоформираната Комисија за помирување, во која учествуваат пратеници од сите партии, освен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Според информациите, оваа тело би заседавало кон крајот на оваа седмица, затоа што се чека од службен пат да се врати една од претседателките – Фросина Ременски од СДСМ. Во текот на процесот би требало да бидат консултирани и правни експерти, затоа што намерата е да се направи дистинкција меѓу обвинетите, во зависност од тоа кои од нив (не) учествувале во насилствата и (не) биле организатори. Исто така, треба да се најде решение и со оглед на тоа што судскиот процес за 27 април е сè уште во тек.

Нема одговорност за пропустите во истрагата за крвавиот четврток

Дисциплинска комисија повеќе од половина година утврдува дали поранешната шефица на Скопското обвинителство, Гордана Гешковска, нејзиниот тогашен заменик Јован Цветановски и тогашниот шеф на обвинителството за организиран криминал Златко Биковски направиле пропусти во истрагата за „крвавиот четврток“.
„Дисциплинската комисија ја започна дисциплинската постапка против тројца јавни обвинители кои ја донеле одлуката да не се изврши увид во Собранието по настаните од 27.04.2018 година. По наводи на обвинителката Гешковска за изземање, беа сменети двајца членови на Комисијата, по што таа продолжи со постапување во насока на утврдување на евентуална дисциплинска одговорност. Дисциплинската комисија треба да ги утврди сите околности и факти и да донесе соодветна одлука. Постапката е во тек,“ велат од обвинителството.
Обвинителката Гордана Гешковска, која го водеше скопското јавно обвинителство, вели дека оваа постапка е тајна и не може да ја коментира. Таа сè уште работи во ова обвинителство, Цветановски е во Вишото јавно обвинителство во Скопје, единствено Златко Биковски е вратен во Основното јавно обвинителство во Берово.
Обвинителите се товарат дека не извршиле увид на местото на кривичниот настан, односно во Собранието кога се случи упадот и беа повредени новинари и пратеници.

Фросина Факова – Серафиновиќ