Пратениците ќе внимаваат отсега што зборуваат, како се облекуваат и однесуваат…


Пратениците во македонскиот парламент отсега ќе мора да внимаваат како се однесуваат за време на седниците, што зборуваат, како се облекуваат… Тие ќе треба да водат сметка да не го нарушуваат редот за време на седниците со употреба на мобилните телефони и лаптопи, но и што зборуваат, односно со нивните дискусии да не го нарушуваат угледот на другите пратеници и да не предизвикуваат омраза, нетолеранција, дискриминација…

Во Собранието строго се забранува насилничко однесување и учество во настани со кои се загрозува безбедноста во законодавниот дом. Пратеникот не смее да ја користи функцијата за остварување имотна или друга корист, не смее да бара или прима подароци и услуги и да презема дејствија за ненаменско трошење на јавните средства…
Ова се дел од правилата предвидени со Етичкиот кодекс на парламентот, чиј текст го усогласија пратеничките групи во рамки на дијалогот „Жан Моне“ во Охрид, а согласно со препораките на ГРЕКО. Текстот на кодексот е ставен на дневен ред на пленарната седница што почнува в понеделник, така што со неговото донесување македонското Собрание конечно ќе добие документ каков што имаат повеќето европски парламенти. Правилата на добро однесување важат и за другите избрани и именувани функционери при извршувањето на нивните права и обврски во законодавниот дом.

Кодексот е конципиран на осум страници и има 22 члена, со кои се уредуваат основните етички начела и правилата на однесување при извршувањето на пратеничката функција, како и постапката за утврдување повреди на кодексот. Притоа се предвидени лесни и тешки повреди на кодексот на однесување. За лесни повреди се сметаат нарушување на текот на седницата, со дофрлување и прекинување на говор, користење на мобилен или на лаптоп; непочитување на правилата на пристојно облекување на седниците и на други настани на кои пратеникот учествува како претставник на Собранието и однесување со кое се повредуваат угледот и достоинството на законодавниот дом. Тешки прекршувања се користење зборови, фрази или синоними со кои се омаловажуваат други лица; работење во личен интерес или во интерес на други лица и групации заради стекнување директна или индиректна корист; поттикнување омраза, нетолеранција или насилство; вршење притисок врз државни службеници и вработени во собраниските служби и злоупотреба на функцијата за остварување лични интереси.

Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања добива нова надлежност – да утврдува дали пратеник го прекршил кодексот. За таа цел, комисијата ќе треба да консултира двајца експерти за етички прашања – едниот по предлог на владејачките партии, а другиот од опозицијата. Ако се утврди лесна повреда на кодексот, Комисијата може да му изрече опомена на пратеникот. Доколку, пак, станува збор за тешка повреда, се изрекува јавна опомена. Одлуките на Комисијата ќе се објавуваат на веб-страницата на парламентот. Постапката за повреда на кодексот застарува во рок од шест месеци откако е направен прекршокот.

Покрај Етичкиот кодекс, на првиот состанок од процесот „Жан Моне“, пратениците усогласија и дел од одредбите со кои наскоро треба да се измени собранискиот Деловник. Овие промени се во насока на зачестување и динамизирање на пратеничките прашања, ограничување на времетраењето на конститутивната седница на три дена, се додаваат денови за изјаснување за амандмани на буџетот, интерпелациите против носители на функции нема да се чуваат веќе во фиока, а донесувањето закони по скратена постапка ќе биде дозволено само во вонредни ситуации… Една од основните цели е преку промена на собраниските процедури да се засили и релаксира дијалогот меѓу пратеничките групи од власта и од опозицијата и да се превенираат во иднина настани како на 27 април 2017 година или на 24 декември 2012 година. Остануваат отворени прашањата за имунитетот на пратениците и за времетраењето на дискусиите за законите.
Кај СДСМ не постои расположение за прифаќање на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за одземање на имунитетот на пратеник со двотретинско мнозинство и за оставање простор за негово враќање. За ВМРО-ДПМНЕ, пак, не е прифатлив предлогот на СДСМ расправата и гласањето за одреден закон да се ограничат на максимум три дена, за што аргументацијата на мнозинството е дека на тој начин ќе се избегнат опструкции и маратонски расправи за некои законски решенија.
Александра М.Митевска