Пратениците и отворија врата на амнестијата


Петтемина пратеници од собранискиот состав што се под обвинение за насилствата од 27 април ќе можат самите да побараат и да добијат амнестија. Тоа ќе им го овозможи новиот закон за амнестија, чиј нацрт-предлог вчера беше договорен во законодавниот дом. Со него, амнестија нема да има за организаторите на крвавиот упад во Собранието, како и за лицата што извршиле насилство.

Судијката Добрила Кацарска, која го води предметот во Кривичниот суд, вчера за „Независен весник“ рече дека не може да има пресуда за оние што се амнестирани.

„За амнестираните не може да има пресуда, за нив се запира постапката“, ни изјави Кацарска.

Во тој случај, нејасно е како собраниското тело самото ќе проценува кој и каква улога имал во настаните од 27 април. Токму затоа, не се исклучува пресудата за случајот да биде изречена пред да биде донесен законот за амнестија, а потоа да се даде милост за дел од обвинетите.

Од друга страна, од Коалицијата „Сите за правично судење“ тврдат дека пресуда за обвинетите мора да има, макар претходно биле амнестирани за случајот. „Согласно членот 402, став 1, точка 6 од ЗКП, ако обвинетиот со акт на амнестија или помилување е ослободен од гонењето или кривичното гонење, не може да се преземе поради застареност, или ако постојат други околности што го исклучуваат кривичното гонење, судот ќе донесе одбивателна пресуда (пресуда со која со одбива обвинението)“, потенцираат од Коалицијата.

Зекир Рамчиловиќ, од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, кој ја предводи подгрупата за помирување во Собранието, вчера соопшти дека нејзините членови постигнале консензус по ова прашање. Според него, со предлог-законот нема да бидат опфатени организаторите и лицата кои извршиле физичко насилство за време на настаните од 27 април лани во Собранието.

„Секое лице опфатено со процесот ќе треба да поднесе барање за амнестија од понатамошната постапка. На овој начин сметаме дека процесот што треба да даде одговор за сето она што се случи на 27 април ќе продолжи и од таа страна ќе имаме правна завршница. Правдата ќе си го најде местото, но секако и дел од лицата што беа вклучени во настаните од 27 април ќе добијат амнестија и на тој начин е направен првиот чекор кон релаксација на односите во општеството, односно на одредени поделби што излегоа по овој настан“, посочи Рамчиловиќ. Тој појасни дека во текстот јасно е дефинирано кои лица ќе бидат опфатени со процесот по завршување на доказната постапка.

„Лицето, ако смета дека не му е потребно, дека сака завршни зборови… да му оставиме простор да си ја докаже својата улога“, рече Рамчиловиќ.

Тоа значи дека пратениците, но и другите обвинети што ќе се препознаат во двете групи или, пак, ќе добијат црно на бело со пресудата дека ниту се организатори на упадот ниту извршиле насилство, а не сакаат помилување, можат да продолжат до крај со судскиот процес благодарејќи на постоечкото обвинение и врз основа на друг член: здружување заради непријателска дејност. Обвинителката Вилма Русковска изјави дека нема да врши преквалификација на делото сè додека законот не стапи на сила.

„Собранието не може да врши преквалификација, туку единствено обвинителот. Јас не планирам никаква правна преквалификација се додека не стапи на сила Законот за амнестија“, порачува Русковска.

Се очекува тројцата пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ: Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, кои на 19 октомври изненадувачки гласаа за уставните измени, со двете раце да ја прифатат шансата и да се спасат од евентуална затворска казна. Нејасно е како ќе постапат Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски, кои и натаму се држат цврсто до своите партии: ВМРО-ДПМНЕ и Социјалистичка партија, кои се во опозициската коалиција „За подобра Македонија“.

„Во овој момент е несериозно да се изјаснувам за прашање кое е во фаза на постапка, нацрти, предлози… Не сум ни размислувал. Најпрво нека го изгласаат законот, а потоа ќе седнеме и ќе видиме што и како“, изјави Тарчуловски за „Независен весник“. Димовски не одговара на повици ниту враќа на добиените СМС-пораки.

Покрај отворачите на собраниските врати, кои премиерот Зоран Заев во една пригода ги нарече „отворачи на вратата на пеколот“, спас од затворска казна би можело да добијат и уметниците кои ги организираа протестите, но не го организираа упадот во парламентот. Иако не вршеа насилство, законот за амнестија нема да важи за ексначалникот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, како и за уште тројца припадници на МВР.

Законот за амнестија ќе биде донесен по кратка постапка и за негово изгласување ќе биде потребно просто мнозинство од пратениците на седницата под услов да има најмалку 61 присутен. Од ВМРО-ДПМНЕ вчера повторија дека нема да го поддржат затоа што станува збор за политичка уцена и пазарење, а не за барање правда.

„Тука има многу политика, а малку правда. Нашиот став е принципиелен: ако има амнестија, нека има за целиот настан, а не само за тие што гласаа за промена на уставното име“, изјави Влатко Ѓорчев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак, се уверени дека тие што извршиле насилство, сепак, ќе ја добијат заслужената казна.

Следните денови ќе има трка со времето, затоа што е неизвесно што попрво ќе се случи: амнестијата или пресудата за 33 обвинети во судскиот процес, кој е при крај. Кога се во прашање другите судски предмети поврзани со насилствата од 27 април (обидот за убиство врз Зијадин Села или нападот врз Радмила Шекеринска), од парламентарното тело за помирување нагласуваат оти не може да има амнестија за лица што извршиле насилство.

Горан Адамовски