Почна постапката за прогласување на Лесново за прв Геопарк во Македонија


Почна официјалната постапка Лесново да стане првиот Геопарк во Македонија, под заштита на УНЕСКО. Во Пробиштип денеска беше потпишан Меморандум за почнување на постапката за оваа иницијатива, а на него потписи ставија градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов, градоначалникот на општина Кратово,Љупчо Бојаџиев, директорката на Центарот за развој на Источно планскиот регион, Драгица Здравева и Маријана Шушлевска од Програмата за зачувување на природата.  Експертите за туризам сметаат дека специфичниот вулкански терен, единствен на Балканот е вреден да се запише на листата на заштитени природни подрачја и дека одговорот  од УНЕСКО ќе биде позитивен. Шушлевска појаснува дека целата постапка до апликацијата ќе чини 12 милиони денари, а иницијативата се реализира преку Програмата за зачувување на природата.

– Најпрвин ќе се формира една  работна група, којашто ќе биде формирана од надлежните институции, пред се тука од општините Пробиштип и Кратово и отпочнување детални истражувања, кои што ќе бидат потребни за пополнување на досието или самата апликација, која што е доста комплексен документ и кој што треба да биде готова  до крајот на идната година, а УНЕСКО има свои датуми кога можат да се поднесат вакви иницијативи. Тоа е еднаш годишно. Значи имаме точно една година да ја изработиме квалитетно со ангажирање на експерти, кои ќе бидат ангажирани од Центарот за развој на Источно планскиот регион за на едно стручно ниво да се подготви апликацијата за номинација, вели Шушлевска.

Во текот на годината ќе се работи и на инфаструктурни проекти, како што се патеки, табли и друга инфраструктура, која што ќе биде подготвена за Геопаркот .

Општините Пробиштип и Кратово во прогласувањето на живописното Лесново за Геопарк гледат и можност за развој на туризмот.

– Мрежата геопаркови во Европа се повеќе се развива во Европа, а Пробиштип очекува не само зачувување и конзервирање на природните реткости и убавини, туку и нивно употребување во развој на економијата. Се надевам дека извршниот одбор на УНЕСКО ќе одлучи позитивно со што ние како општина зедно со мештаните ќе добиеме огрома можност за развој на туризмот,  рече Драган Анастасов, градоачалник наОпштина Пробиштип.

– Јас се надевам дека успешно ќе го изодиме овој пат во интерес прво зачувување на природата, што е основниот бенефит од овој проект, а како втора работа која што е  многу важна е развој на туризмот во Македонија. Овој крај е богат со споменици, културни знаментитости, оригинални флора и фауна, на тој начин со овој Геопарк го зачувуваме тој наш богат еко систем, вели Љупчо  Бојаџиев градоначалник на Општина Кратово.

Иако Македонија има многу природни убавини и реткости досега ниту едно подрачје не се нашло на оваа листата на УНЕСКО. На Балканскиот полуостров, геопаркови има во Грција, Словенија, Хрватска и Бугарија, а наскоро се очекува да добие и Србија.