Популистичкиот закон за отписот на камати, дочекан како дискриминаторски


Да се повлече од собраниска процедура предлог- законот за отпишување на камати за наплата на долгови за комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, за за одржување заеднички простории, наводнување и за одводнување земјоделско земјиште, побараа граѓанските здруженија кои беа поканети на дебата во парламентот. Според нив, предложениот закон е дискриминаторски и побараа да се подготви нов закон за отпис на долговите над три години на сите физички лица. Неприфатлива за нив е одредбата со која им е оставена можност на нотарите и извршителите на доброволна основа да одлучат дали ќе ги наплаќаат своите услуги.

„На Запад, ако некој доцни со наплата, прво на врата му доаѓа социјална служба, ама не извршител. Во Холандија, Норвешка, Шведска и Италија државата не ги остава граѓаните на огромен арач од извршителите и нотарите. Не може за илјада денари долг, да се плаќа 70 или 80 илјади денари“, посочи Ана Глигорова од здружението „Човекот на профитот“.

Марјан Ристевски од Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија подвлече дека со законот се врши легализација на наплатата на нешто што воопшто не треба.

„Не се виновни граѓаните што државата и судството не функционирале во 90-тите години и што предметите биле чувани“, рече Ристевски.

Одговорноста треба да се бара кај поранешниот министер за правда Михајло Маневски, посочија од Здружението „Но пасаран“, укажувајќи дека Маневски ги создал овие правни проблеми.

Предлагачи на предлог-законот, кој беше ставен на јавна расправа на Комисијата за финансирање и буџет, се група пратеници. Еден од нив е пратеникот Панчо Минов од ГРОМ, кој ги образложи новините дека предвид се земени над 200 илјади предмети. Со законот ќе бидат опфатени случаите за кои е покрената постапка до 2006 година, а рокот на завршна постапка е до јули 2011 и тие се со извршни решенија. Тој додаде дека со новините нема да ги легализираат застарените предмети, а забелешките на здруженијата ќе ги земат предвид.

„Со тоа, не ги активираме предметите од фиока, туку тие што се во процедура, за кои сега луѓето имаат мака. Со овој предлог-закон се отпишува каматата, не е овој закон непотребен“, објаснуваше пратеникот Минов.

Во предлог-законот е посочено дека граѓаните се жртви на процедурите за наплата кои завршуваат на нивна штета, а станува збор за долгови стари повеќе од 10 години на илјадници граѓани кои не знаеле за нив, а се наплатуваат десеткратно повисоки суми од извршители. Предмет на овој закон е отпишување на затезната, односно казнена камата, која се однесува на главниот долг и трошоците на постапка и истата подлежи на отпис од моментот на поднесување тужба за наплата на паричен долг, таканаречената присилна наплата до конечна исплата на паричното побарување вклучувајќи ги и трошоците на постапка од страна на должникот.

Образложено е дека во досегашната постапка постојат проблеми на повеќе нивоа – граѓаните добиваат сметки за наплата на долгови кои датираат од деведесеттите, а доверителот е секогаш во право, затоа што долгот навистина постои. Не постои начин како да се заштитат граѓаните. Во судовите стоеле илјадници вакви предмети. Граѓаните најмногу се тужени за парично побарување по фактури за услуги од вршители на комунални дејности како електрична енергија, топлинска енергија, вода, смет, телефонија, мобилни оператори, трошоци за редовно одржување на заеднички делови на зграда.

Предвидено е право на отпис на камата да остварува секое физичко лице – должник кој ќе изврши уплата на главниот долг и трошоците како судски, нотарски, трошоци на извршување. Отпис на долговите се врши врз доброволна основа од страна на доверителот, ама во согласност со член 3. Стекнатото право на отпис на камата должникот – физичко лице го остварува со поднесување барање до доверителот. Кон барањето должникот приложува и доказ за извршена исплата на главниот долг, по што доверителот е должен во рок од 15 дена по приемот на доставениот доказ за извршена уплата на главниот долг да го извести должникот по писмен пат  за усвојување (целосно или делумно) или за одбивање на отписот на каматата. Доколку доверителот изврши отпис на каматата, должен е не подоцна од 8 дена по донесената одлука за истото да го извести нотарот или извршителот. Надзор над примената на овој закон ќе врши Министерството за финансии.

Вероника Мароска-Леова