Пописот без прашања за етничко потекло и вера


Да се исклучат прашањата за етничка и верска припадност во пописот што треба да се спроведе во април 2020 година, предлага Државниот завод за статистика. Дефинитивната одлука за ова прашање ќе треба да се донесе со законот за попис кој се очекува најдоцна до февруари идната година. Целта на предлогот е да се избегнат прашања кои се чувствителни и лични, а од друга страна немаат употребна вредност освен политичка, сметаат од Заводот. Ова е практика во многу земји во светот и во Европа, меѓу нив и во мултиетничките Швајцарија или Белгија.

Ова е прв попис на населението и домаќинствата што ќе се спроведе по 2002 година, односно по 18 години, откако во 2011 година постапката беше прекина и не се доведе до крај. Тоа ја стави Македонија во уникатна позиција во светот, во друштво единствено на Сомалија. Недостигот на овој вид статистички податоци низ годините отвораше многу прашања, во врска со бројноста на населението и на етничките заедници, големината на миграциските процеси и цензусот за гласање на избори.

„Податоците од пописот служат исклучиво за да дадат целосна слика за населението и живеалиштата кои можат потоа да се спроведуваат со меѓународните бази на податоци и врз основа на нив да се креираат одржливи политики во земјата“, вели странскиот експерт Вернер Хауг.

Во содржината на пописните прашања, меѓу другите, остануваат тие за мајчиниот јазик на секој граѓанин и за јазикот што се зборува во семејството. Според нив, би требало да се креираат политики во образованието, а можат да послужат и за утврдување на правата кои ги остварува етничката заедница која е повеќе од 20 отсто од населението во некои локални самоуправи.

Пребројувањето на жителите во Македонија на пописот во 2020 година ќе се врши според строго дефинирани препораки на Обединетите нации кои се применуваат секаде во светот. Според директорот на Заводот, Апостол Симовски, ќе се попишат државјаните на Македонија што живеат во земјава, оние што живеат во странство помалку од една година, како и странците што живеат кај нас подолго од една година.

„Ќе биде организирано и самопопишување за сите што живеат надвор од земјава, без разлика колку долго време. За нив ќе биде подготвена веб-апликација како скратена форма на пописниот прашалник“, вели Симовски.

Овој попис ќе биде прв кој ќе се спроведува како комбиниран метод на традиционалното попишување лице в лице и користењето податоци од различни регистри, поточно податоци што ги имаат министерствата за внатрешни работи, за труд и социјална работа, за образование, за здравство, како и други институции како катастарот, Агенцијата за вработување, ПИОМ и други. Ќе се напуштат старите пописни листови и ќе се користат лаптопи, од каде што податоците ќе се внесуваат директно во базата, па ќе се избегнат и можните злоупотреби на личните податоци. Идната година во април ќе се спроведе пробен попис во осум општини, по една во сите региони, од кои половината ќе бидат урбани, а половината рурални.

„За пописот се планирани 8,5 милиони евра, од кои 3,5 милиони ќе се употребат за подготовките на апликацијата и пробниот попис, како и за набавка на потребната технологија. Останатите 5 милиони евра се наменети за пописот во 2020 година, а најголемиот дел ќе бидат за ангажираните попишувачи“, објасни Симовски.

Сања Наумовска