Поефикасен и побрз транспорт во 2019. со нова патна инфраструктура


Во транспортниот сектор во Македонија во новата година  се ветени конкретни резултати во изградба на нови патишта, пруги, летови што ќе обезбеди поефикасно и побрзо поврзување за граѓаните и бизнисот.

Нови автопати и експресни патишта

Во патната инфраструктура се очекува завршување на автопатот Миладиновци – Штип и интензивирање на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, почетни активности за автопатската делница Скопје – Блаце, продолжување на изградбата на повеќе експресни патишта, обнова на магистралните и регионалните патишта и на најоштетените делници.

Во годината што измина граѓаните добија нови 28 километри автопат, откако на крај на април беше пуштена автопатската делница Демир Капија-Смоквица, на Коридор 10, додека за изградбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид беа потпишани нови анекси на договорите. На Миладиновци-Штип се завршени главните градежни работи и таа делница според најавите треба да биде пуштена на почетокот на годинава. Бројни градежни активности се очекуваат на автопатот Кичево-Охрид, каде по застој од година и половина во октомври лани беше склучен трет анекс на договорот со што се обезбедени дополнителни 187 милиони евра, покрај претходните 411 милиони евра. Веќе е пробиен најголемиот дел од трасата и тунелите, и, меѓу останатото, ќе се работи на проектирање и изградба на осум нови клучки. По тој автопат, според ветувањето ќе се вози во 2021 година.

Според најавите, на крај на месецов треба да биде објавен тендер за изведувач на работите на првиот дел од автотатот Скопје – Блаце во вкупна должина од 13 километри и предвидена вредност од 110 милиони евра. Првиот дел е од граничниот премин Блаце до првата спојка кај село Блаце во должина од 1,9 километри, а ќе се гради со државни пари. За останатите 10 километри треба да се обезбеди кредит од Европската банка за обнова и развој.

Покрај на автопатски делници, треба да продолжи и изградбата на експресните патишта Штип-Радовиш, Градско-Дреново, Штип-Кочани, Ранковце –Крива Паланка, но и да се санираат бројни регионални и локални патни правци.

Ветувања за повеќе нови километри на пругата кон Бугарија 

Во клучните сектори каде се очекува градежна активност е и железничката инфраструктура. Лани беа заокружени активностите за изградба на пругата Битола-Кременица, што се очекува да биде пуштена наскоро.  Со тоа Пелагонискиот регион добива железничко поврзување со Грција по 32 години.Новото поврзување со Солунското пристаниште треба да обезбеди побрз и поевтин транспорт на стоки и услуги за домашните и странските компании.

Годинава треба да продолжат градежните работи за пругата кон Бугарија, на првата делница од Куманово до Бељаковце, како и на втората од Бељаковце до Крива Паланка. За третата делница од Крива Паланка до Деве Баир треба да се обезбедат финансии.  За првата фаза од Куманово до Бељаковце, каде од вкупно проектираните 31 километар се изградени осум километри, откако минатата година беа отстранети правните пречки, ќе се потпише анекс на Договорот. Се планира да биде завршена за година и половина. Во следните месеци треба да се избере изведувач на работите за втората фаза од Куманово до Крива Паланка, долга 34 километри, и таа да биде готова за четири години. За третата делница од Крива Паланка до Деве Баир, пак, што е најскапа и се проценува на околу 400 милиони евра, допрва ќе се бараат средства од меѓународните финансиски институции, а досега се обезбедени 60 милиони евра. За железничкиот дел од Коридорот 8 во делот за повзрување со Албанија, исто така, треба да се обезбедат финансии. За изградба на деленицата Кичево Лин, според проектот, треба да се најдат околу 500 милиони евра. Паралелно со тоа ќе се изработува и студија за изводливост за подобрување на состојбата на делницата Скопје – Кичево. Во тек на оваа година треба да се воведат и Европскиот систем за контрола на возовите и Системот за мобилна комуникација во железницата на Кридорот 10.

Покрај изградба на пруги во новата година се очекува и наоѓање на трајно решение за Македонски железници Транспорт што поради долгови во неколку наврати се соочуваше со блокади на сметките и закани од вработените за стопирање на сообраќајот. Ова претпријатие во годината што измина во патничкиот сопобраќај претрпе штети поради укинувањето на единстениот меѓународен воз низ нашата држава, Белград-Солун, а товарниот сообраќај поради оштетувањата на бетонскиот мост кај станицата Градско и Кукуречани.

Продолжуваат евтините летови и субвенциите во авиосообраќајот 

Во авиосообраќајот власта вети дека ќе ги исполни очекувањата на граѓаните за  продолжување на евтините авиолинии, но и поврзување со нови дестинации.

Во годината што измина аеродормот во Скопје согласно со Договорот од Преспа доби ново име, беше преименуван од „Александар Велики“ во Меѓународен аеродром Скопје, но и првпат изброја два милиона патника. Истовремено, годината ја одбележа и неизвеснота околу обезбедувањето евтини летови со субвенци од државата. По истекот на договорот за субвенции со унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Визер“ имаше два неуспешни повика за доделување финансиска поддршка, по што Владата објави дека третиот е успешен. Согласно со него, Виз ер од март годинава ќе обезбедува субвенционирани летови од аеродромите во Скопје и во Охрид.  Нискобуџетниот превозник има обврска да почне со оперирање на најмалку четири нови дестинации од аеродромот Свети Апостол Павле – Охрид и тоа првите две до 26 март годинава, а останатите во рок од една година од денот на склучувањето на договорот. Компанијата има обврска да  воведе две нови линии од меѓународниот аеродром во Скопје до 26 март и да ги опслужува најмалку две години. По основ на субвенции во наредните три години на Виз ер треба да им бидат исплатени пет милиони евра од македонската Влада.