Поделени ставови во албанскиот блок: Ја губи ли Заев довербата и кај Албанците?
Деновиве „правната држава на Заев“ потклекна пред локален и градски криминалец. Ова беше класичен пример дека во Македонија не владее правото, туку има владеење над правото, смета политикологот Џенур Исени
По последните парламентарни избори и формирањето на владата предводена од СДСМ, актуелниот потпретседател на оваа партија, Мухамед Зекири, изјави дека социјалдемократите добиле дури 70 илјади гласа од Албанците, со што и тие му помогнале да стане премиер. Откако еден од најактивните учесници во протестите на „Шарената револуција“ и поддржувач на политиката на премиерот, Владимир Милчин, преку социјалните мрежи испрати порака дека веќе нема доверба во него и дека се чувствува излажан, се отвори и дилемата – колку Албанците во Македонија се задоволни од првите осум месеци од функционирањето на Владата? Дел од албанските аналитичари за „Независен“ сепак излегоа со поделени ставови.
Газменд Ајдини смета дека во моментов е премногу рано да се каже дали премиерот Заев сѐ уште ја ужива истата доверба кај Албанците, како што ја уживаше на изборите.
„Неблагодарно е да се предвидува дали Албанците се или не се задоволни. Тоа што е очигледно е дека актуелната влада и премиерот Заев, можеби повеќе отколку што е потребно, се фокусирани на меѓународните односи или поточно во изнаоѓањето решение околу спорот со името, отколку на внатрешната политика. Во овој момент, во недостиг на конкретни истражувања за јавното мислење, не може да се зборува за тоа дали премиерот ги има или ги нема тие гласови на Албанците“, изјави Ајдини.
Новинарот и политиколог Џенур Исени, пак, смета дека Албанците, кои во голем број се мобилизираа и гласаа против режимот на Груевски, не добија ништо од новата влада на Заев и затоа, според него, веќе на наредните избори ќе се покаже дека премиерот ја изгубил довербата од Албанците.
„Ни ветија подобрување на општествениот статус и ние се мобилизиравме за да го искорениме тој режим и да го ослободиме општеството од канџите на режимот на Груевски. Но што се случува сега? Премиерот Заев, освен во надворешната политика, апсолутно потфрли во сѐ друго. Пред неколку дена ‘правната држава на Заев’ потклекна пред еден локален и градски криминалец. Ова беше класичен пример што покажа дека во Македонија не владее правото, туку имаме владеење над правото. Преквалификацијата на делото за убиството на Алмир од страна на јавниот обвинител, кој беше назначен од Заев, е исто така класичен пример дека во Македонија законот е селективен. Премиерот за време на локалните избори на Албанците им кажуваше за кого да гласаат. Ако тогаш им даваше наредби за кого да гласаат ако сакаат просперитет и мир, тогаш премиерот како главен одговорен во Советот за реформи во правосудството треба да упати апел до обвинителството да има правда за Алмир. Но ова нема да се случи. Прифаќам дека порано верував и очекував многу од Заев, но сега веќе ништо не очекувам од него. Албанците се разочарани и, кога и да се наредните избори, Заев нема да ја има истата поддршка како и на претходните избори“, изјави Џенур Исени.
И граѓаните имаат поделени мислења. За порталот „Лајм ТВ“ дел од нив изјавија дека се разочарани од тоа како премиерот Заев ја води Владата, дел мислат дека е прерано да се процени, додека пак дел се задоволни од неговата работа.
„Не сме задоволни од реформите што се прават бидејќи тие не се во корист на граѓаните, туку на тие „горе“, во смисла дека тие мислат само за себе, додека пак за напредокот на народот не мисли никој“, порача еден граѓанин. Друг граѓанин, пак, забележува дека иако актуелната влада прави напори, засега нема конкретни резултати.
„Моментално нема работа. Гледам стагнирање во политиката и не гледам промени. Минатото само нѐ потопи. Актуелната влада прави напори, но нема резултати. Додека се занимава со промената на името, економијата стагнира, а народот е сѐ посиромашен. Но верувам дека сепак имаме млади и способни луѓе, кои имаат визија за иднината на овој народ. Ако станеме членка на ЕУ, верувам дека пред нас ќе има поубави денови. Сѐ уште нема многу промени за нас Албанците бидејќи за нас не се интересни името и знамето, туку работата и животот“, додаде друг граѓанин за „Лајм ТВ“.
Има и граѓани што мислат дека промените и реформите треба да започнат од самите граѓани и дека Македонија треба внимателно да ги води преговорите околу името со Грција бидејќи таа ја има моќта да стави вето во евроатлантскиот процес на земјата и со тоа да ни наштети.
„Засега нема промени, но да почекаме. Треба да се промени името за да се придвижиме напред кон Европската Унија и НАТО. Грција инсистира на ова, и може да нѐ спречи да станеме дел од Европската Унија. Грција го прави тоа бидејќи на нејзина територија има дел кој се вика Македонија, па се плаши од територијални претензии од наша страна. Владата е на почеток, гледаме дека се обидува да спроведе реформи, но за нив е потребно време. Не е можно за половина година да се направат радикални промени, тоа зависи и од нас“, порача еден од граѓаните со поумерени ставови.
Блерим Исмаили