Повеќе од 200 вируси се одговорни за респираторните инфекции кај децата


Зимата е период кога децата почесто се разболуваат, особено помалите со незрел имунитет и оние кои одат во градинка. Како да ги препознаете инфекциите и како да се заштите од нив, советува д-р Валентина Цвејоска Чолаковска од Клиниката за детски болести.

Кои инфекции се најчести кај децата во овој период од годината?

– Инфекциите на респираторниот систем се најчести во детската возраст, како во доенечкиот период така и кај малото предучилишно дете. Кај училишните деца се водечка причина за отсуство од настава. Респираторните инфекти се најчестата причина за посета на децата на нашите амбуланти.

Респираторните инфекти на горните дишни патишта доведуваат до настинка, воспаление на грлото, увото, синусите. Само 5-10 отсто можат да бидат на долните дишни патишта, на дишникот, бронхиите, белите дробови. Дури до 90 отсто се со вирусна етиологија. Повеќе од 200 вируси се одговорни за инфекција на респираторниот систем. Најчести се риновирусот, висусот на инфлуенца, параинфлуенца, адено вирус, корона, коксаки, респираторно синцициелен и др.

Како се пренесуваат вирусите, на што треба да се внимава?

-Овие вируси се пренесуваат со кашлање и искашлување на секрет од дишните патишта. Затоа блиските контакти во предучилишните установи и во училиштата го зголемуваат ризикот од респираторни инфекти. Децата до третата година имаат незрел имунитет, и кај нив склоноста кон инфекти е поголема. Всушност, имунитетот кај децата зрее со возраста и со прележаните инфекции и примени вакцини за најчестите микроорганизми. Во една календарска година децата имаат по 6-8 респираторни инфекции, а оние кои одат во градинка и повеќе, и при тоа
зборуваме за здрави, имунолошки компетентни организми. Ризикот од чести респираторни инфекти го зголемуваат пасивната изложеност на чадот на цигари и аерозагадувачи, кои ги оштетуваат природините одбранбени механизми кај детето.

Кои симптоми се аларм за да се посети лекар?

-Симптомите на респираторни инфекции се носна конгестија и секреција, кашлица, гребење на грлото, покачена телесна температура, намален апетит, слабост, исипи по телото. При воспаление на средното уво се јавува болка и вознемиреност, а при синузитот кај школските деца и главоболка. Кај училишните деца со знаци за долно респиратотна инфекција, најчести се атипичните предизвикувачи (Mycoplasma pneumoniaе, Chlamydia pneumoniaе ).Клиничката слика на горнореспираторните инфекции најчесто е лесна, и би требало да се лекуваат со симптоматска терапија – доволен внес на течности, физиолошки раствор во носот, антипиретици, аналгетици, одмор. Храната треба да биде лесна, да се јаде повеќе овошје и зеленчук. Родителот треба да добие совет за следење и третман на фебрилноста, хидрацијата и препознавање на симптомите кои укажуваат на влошување на состојбата.

Како може да се намали ризикот од инфекции кај децата?

– Постојат повеќе мерки за превенција и намалување на приемчивоста на респираторните инфекти во детската возраст. Кај доенчињата да се стимулира слободното доење, бидејќи мајчиното млеко во период на настинки и грип е истовремено храна и лек. Со бројните антитела од мајката, преку
него се пренесува пасивен имунитет за бројни микроорганизми.

Правилно миење на рацете е клучно, особено во градинките и училиштата. Проветрување на просториите, забрана за пушење во присуство на децата и престој на повисоките планински места се добредојдени. Децата треба да се вакцинираат против најчестите патогени Streptococcus pneumonia, Haemophilus influezae typB, Bordetella pertussis, а годишно и против вирусот influenza. Лицата кои се вклучени во грижа и едукација на деца, да се имунизираат против грип.

Антибиотиците се за други болести

Антибиотици, генерално не се препорачуваат за лекување на горно респираторните инфекции. Тие се резервирани за стрептококната ангина, синузит, воспаление на средното уво и белите дробови. За типот на антибиотска терапија и должината на третманот треба да одлучи лекарот, врз основа на клиничката слика, дијагностичките тестови и евентуалните компликации.

Во иднина, да го спречиме нерационалното давање на антибиотици кај децата, бидејќи повеќе од 50 отсто тие се препишуваат токму кај горно респираторните инфекти. Да ги сочуваме антибиотиците за болестите каде ни се неопходни, зашто антимикробната резистенција ќе биде сериозна закана за 21 век.