Познатата новинарка Гордана Дувњак почина на 61 година


 

Гордана Дувњак, една од препознатливите фигури во македонското новинарство, која остави белег во него триесетина години, почина на 61 година по долга и тешка болест. Дувњак беше еден од ненадминливите автори за состојбите во правосудството и особен познавач на збиднувањата во политиката. Остана запаметена во новинарските анали и по извонредните интервјуа во кои бараше вистински одговори од соговорниците без да ги наметнува своите ставови. 

Дувњак својата новинарска кариера ја почна во 1988 година во Македонска радио-телевизија, каде што работеше две години. Потоа осум години, од 1991 до 1999 година беше дел од редакцијата на „Нова Македонија“. Таа беше дел од првата екипа на „Утрински весник“, каде што нејзиното новинарство ја достигна зрелоста, знаењето и влијанието. Во „Утрински весник“ беше новинар и уредник на политичката рубрика. Во весникот остана сѐ до неговото згаснување во 2017 година.

Професионалниот пат го продолжи во порталот „Макфакс“ во 2017 година, а една година подоцна стана дел од телевизијата „1ТВ“, каде што исто така извршуваше уредничка функција. Од 2019 година работеше во неделникот „Фокус“.

Веста за нејзината смрт ја објави нејзиниот син Мартин Дувњак со емотивна порака, во која ја опишува како „жена борец, мајка каква што секое дете може само да посака и врвен професионалец“.

„Се одјави нашата мајка, жена, кралица Гордана Дувњак. Жена што не ја сакаше и не ја почитуваше само тој што ја немаше запознаено. Врвен професионалец и новинар, кој беше пример за чесност, љубов кон професијата и став“, напиша нејзиниот син Мартин.

Погребот ќе биде утре (среда) во 11 часот во капелата во Бутел, а во 12 часот на гробиштата во Бутел.

Со нејзиното заминување, македонското новинарство губи искусен и посветен професионалец, чиј придонес ќе остане трајно запаметен.