Печки и велосипеди ќе се субвенционираат преку цела година


Градот Скопје ќе дава субвенции за набавка на печки на пелети, инвертер-клими, велосипеди, електрични тротинети, како и за чистење на оџаците, кои нема да бидат временски ограничени. Според програмата за животна средина, повиците за субвенционирање ќе се распишуваат на почетокот на годината и ќе важат сè додека не се потрошат парите за намената. За разлика од тоа, досега граѓаните мораа да приложат доказ дека предметите што се субвенционираат ги купиле само во периодот од кога биле распишани повиците за добивање финансиска поддршка. Ова е една од новините што ја предвидуваат градските власти за годинава, кога одлучија најголем дел од средствата наменети за екологија да ги поделат како финансиска помош за граѓаните.

На овој начин, сметаат во Градот Скопје, ќе им се овозможи на граѓаните полесно да дојдат до средствата што им се потребни, а истовремено ќе набават предмети со кои ќе придонесат за подобрување на условите во животната средина.

Програмата за животна средина за годинава предвидува од градската каса за подобрување на воздухот, водата, почвата, отпадот да се потрошат над три милиони евра, што претставува 3,5 отсто од оперативниот буџет на Градот Скопје. Сумата е зголемена за 30 отсто во споредба со минатата 2018 година, а 88 милиони денари или 1,4 милиони евра се за субвенционирање. Сепак, информираат градските власти, тоа не се сите средства што ќе се инвестираат во екологија.

„Освен програмата за животна средина, која предвидува најголем буџет досега, еколошки проекти ќе спроведуваат и другите сектори и ќе вложуваат уште повеќе средства во заштитата на околината. Ќе се изработува карта за бучава, проект кој досега не бил работен, ќе се заштитуваат биодиверзитетот и природното наследство, како и зачувување на здравјето и благосостојбата на граѓаните. Ќе се испитува квалитетот на подземните води околу изворот Рашче, кои се однесуваат на заканите од историското загадување од „Југохром“, а ќе се работат и проекти за испитување на алтернативни извори на вода за пиење и за техничка вода“, вели Лилјана Ончевска-Наџинска, која е помошник-раководител во секторот за животна средина, и посочува дека покрај сите овие проекти ќе се инвестира и во пречистителчна станица, пошумување, изградба на дрвореди, паркови и друго.

И годинава ќе се спроведува Планот за заштита на воздухот од загадување, односно мерките што и досега ѝ беа познати на јавноста. Сепак, вели Ончевска Наџинска, доколку се јави потреба да се дополнат со нови, и за нив ќе се најдат пари, со оглед на тоа дека Скопје е под постојано влијание на многу негативни фактори што влијаат врз загадувањето на воздухот, но и генерално на животната средина во градот.

„Промената на начинот на живеење, миграцијата на жителите од другите градови и региони во Скопје, како и дневната миграција во Скопје, каде што околу 50.000 возила секојдневно влегуваат во градот, негативно влијаат на квалитетот на живот во градот и се причина за големиот сообраќаен метеж и големото загадување на воздухот, особено во зимскиот период. При пресметка на еколошкиот капацитет на градот, го пресметавме еколошкиот отпечаток, кој изнесува 8,1 глобални хектари по глава на жител, биолошкиот капацитет е 2,05, а еколошкиот дефицит е 6.06 глобални хектари по глава на жител, што е далеку поголемо од многу поразвиени и поголеми градови од Скопје. Ова го прави градот ранлив бидејќи постои опасност од поплави, има високо ниво на подземни води, нецелосна одвоеност на фекалната и атмосферската канализација, појава на ерозија и свлечишта на Водно и Скопска Црна Гора, појава на топлотни бранови и топлотни острови во градот, трусно подрачје, опасност од технолошки катастрофи…“, вели Ончевска-Наџинска.

Сања Наумовска