Пелистер – заборавен планински убавец


Битола – Битолчани веќе одамна  не  веруваат, ниту се надеваат дека Пелистер  ќе стане атрактивна туристичка дестинација. Туристичка преродба на планинскиот убавец е запишана во многу предизборни програми, проекти, елаборати, студии, но низ годините ништо од тоа не се реализирало. Најстариот национален парк во Македонија неодамна одбележа 70 години од своето постоење, но оваа наша планина не може да се пофали со ништо друго освен со природните убавини.  Хотелот „Молика“ е отворен пред 25 години и овој објект е последниот изграден капацитет на Пелистер, а  оттогаш речиси и да нема нови вложувања.  Туризмот на Пелистер започнал да се развива уште помеѓу двете светски војни, кога биле изградени голем  дел од објектите. Некои од нив денес не постојат, а други зјаат празни, заборавени и запустени.

Празни ветувања за „Молика“

Хотелот „Молика“ е изграден во 1994 година, на местото на некогашниот планинарски дом „Бегова чешма“ и денес е  единствениот сместувачки капацитет во рамките на Националниот парк до кој води  асфалтен, но тесен пат, каде што едвај се разминуваат две возила, особено во зимски услови. Хотелот, заедно со ски-центарот „Копанки“, функционира како подружница на ЕЛЕМ ТУРС. По повод 20-годишнината од постоењето на хотелот, во 2014 година тогашното раководство на ЕЛЕМ ТУРС најави голем инвестициски бум, целосно реновирање и модернизирање на „Молика“, воведување нови содржини, изградба на спа-центар и базени. Ски-центарот „Копанки“, кој е дел од овој комплекс, е изграден во 1975 година со месен самопридонес на битолчани, но освен поправки на жичарницата и ски-лифтот, на кои се чекаше со години, повеќе од 4 децении нема нови вложувања. Исто така, поради климатските промени, во последните години и  снегот сè помалку го има и кусо се задржува на терените, па ски-сезоната на „Копанки“ може да се случи воопшто да не почне, или да трае само десетина дена. По подолг период, оваа зима наврна снег кој ветува долга ски-сезона. Но, нереализирани останаа ветувањата за изградба на систем за вештачки снег и скијање на Пелистер, без оглед на временските услови.

Според овие најави, хотелот „Молика“ требаше да добие нов лик до 2017 година, а системот за вештачки снег требаше да профункционира веќе во 2015 година. Но, ништо од тоа не се случи, па љубителите на скијањето во изминатите години беа почести гости на ски-терените во соседна Грција, отколку на Пелистер. Сепак, каква ќе биде судбината на овој  комплекс, зависи од тоа што ќе се случи со ЕЛЕМ ТУРС, компанија што работи со загуба.

„Во тек е подготовка на анализа за состојбата на ЕЛЕМ ТУРС, а  информацијата  ЕЛЕМ треба да ја испрати до Владата и да добие насоки за понатамошно дејствување во однос на фирмата-ќерка ЕЛЕМ ТУРС, која работи со тешкотии и загуби од самото нејзино основање во 2012 година. Бидејќи  хотелот „Молика“ е еден од капацитетите со кои управува ЕЛЕМ ТУРС, во рамките на таа анализа ќе биде опфатена и информација за хотелот ‘Молика’“,  одговорија  од  ЕЛЕМ ТУРС, на прашањето дали актуелното раководство ќе ги реализира најавите што ги дадоа нивните претходници пред 5 години.

„Копанки“  заглавен

Во 2013 година до темел изгоре култното место за многу генерации битолчани, планинарскиот дом „Копанки“, кога со него стопанисуваше приватен концесионер. Поранешната локална власт вети обнова на домот, па следуваше постапка за легализација на објектот, која Планинарското спортско друштво „Пелистер“ ја заврши во 2015 година, но ветената реконструкција не се случи. И градоначалничката Наташа Петровска обновата на „Копанки“ ја запиша во својата предизборна програма. Но, во  јуни 2018 година членовите на ПСК „Пелистер“ со донации од фирми и поединци под мотото „Копанки за сите, сите за Копанки“  одлучија сами да ја отпочнат реконструкцијата, само неколку дена откако локалната власт испрати допис до нив да ја отстапат сопственоста на домот на Општина Битола, која се обврза од буџетот да обезбеди 100 илјади евра за негова изградба.

„Локалната самоуправа е подготвена да изврши целосна реконструкција на опожарениот планинарски дом, но во тоа сме спречени поради приватниот сопственички статус на домот. Ве повикуваме да го отстапите планинарскиот дом на Општина Битола, под услови кои се прифатливи за вас, со цел Општината целосно финансиски да го реализира овој проект“, им  напиша Петровска на планинарите.

Иако планинарите немаат доволно пари за целосна обнова на домот, сепак, не ја прифатија понудата од локалната власт. Сметаат дека нема законски пречки Општината да помогне и инсистираат домот да остане во нивна сопственост.

Неизвесно е ниту каква ќе биде судбината на познатото детско одморалиште „Пелистер“, каде што стотици генерации ученици од Битола и цела Македонија  низ годините минале незаборавни летни и зимски распусти. Одморалиштето повеќе години беше под закуп, а  по неуспешните обиди на државата за негова продажба, во 2015 година е ставен клуч на објектот, кој пропаѓа оставен на забот на времето.

На другата страна на  Баба Планина,  ЈП „Стрежево“  стопанисува со  ски-центарот „Нижеполе“, каде што има два ски-лифта со капацитет од 1.500 скијачи на час, каде што оваа зима се вратија љубителите на скијањето, а има посетители од целиот регион. Ноќното скијање е дополнително задоволство, но и овде нема систем за вештачки снег, па ски-сезоната зависи од временските услови.

И за овој ски-центар во 2015 година беше изработена и промовирана физибилити студија за проширување на ски-терените, изградба на жичарница и пет скијачки патеки со вкупна должина од 10 километри, како  и систем за вештачки снег. За инвестицијата од 8,5 милиони евра во физибилити студијата се предлага јавно-приватно партнерство, но досега нема иницијатива за реализација на овој проект.

Несомнено е дека Пелистер е раскошна планина, со богата флора и фауна, но природната убавина сама по себе не е доволна за развој на туризмот. Наместо нови вложувања, Националниот парк ги губи постојните капацитети, а проектите што се најавуваат со години останаа само на хартија.

Емилија Мисирлиевски