Пацоли најави формирање на косовска армија


Првиот потпретседател на косовската Влада и шеф на дипломатијата, Беџет Пацоли изјави дека Заедницата на српски општини ќе биде формирана, но не во овој период. Пацоли посочи дека моментно примарен проблем за Косово е демаркацијата на границата со Црна Гора. Според него, разговорите меѓу Косово и Србија во Брисел треба бездруго да продолжат, а во исто време досега потпишаните договори треба да се имплементраат од двете, а не само од една страна.

„Сметам дека Заедницата на српски општини ќе се формира. Но, знаете имаме некои проблеми во нашиот Парламент. Сега имаме проблем со демаркацијата на границата со Црна Гора. Добро знаете дека сме во процес на визна либерализација (со Еу). Сметам дека нешто што е договорено во Брисел треба да се спроведе и од Белград и од Приштина. Треба да се исполнат обврските“, изјави Пацоли за српски „Телеграф“.

Шефот на косовската дипломатија зборува и околу формирањето на косовските вооружени сили, односно трансформацијата на Косовските безбедносни сили во армија на Косово.

„Ние ќе сториме се според законот и Уставот. Сметам дека ќе се формираат вооруженте сили. Српска листа можно е да гласа за ова прашање. Ако не денес, тогаш утре“, изјави Пацоли.