Паоло Малдини: Никогаш не сум му кажал „не“ на Милан


Легендарниот дефанзивец на Милан, Паоло Малдини беше претставен како технички директор кај „росонерите“, а ќе соработува со другиот спортски директор, Леонардо.

Поранешниот дефанзивец на Милан се пошегува пред медиумите дека двајцата ќе ја играат улогата на добриот и лошиот полицаец.

– Никогаш не сум му кажал „не“ на Милан. Имав разговори со Барбара Берлускони, но ништо не произлезе од овие разговори. Пред година и полoвина зборував и со кинеските сопственици, но не успеавме да најдеме прецизна позиција и решив да не се вклучувам во тимот, ако не сум сигурен дека ќе бидам корисен, беа првите зборови на Малдини.

Тој прецизираше дека ситуацијата во клубот сега е поинаква и дека разговарал со Леонардо и сопствениците од „Елиот Менаџмент“, кои му објасиле како стојат работите.

– Она што го слушнав ми предизвика задоволство и веднаш прифатив. Улогата на Леонардо беше фундаментална, бидејќи сме одлични пријатели. Ќе го даваме најдоброто од себе за Милан – бидете сигурни во тоа. Имаме различни улоги, но ќе работиме заедно. Немам искуство како директор, но соработката со Леонардо ќе ми помогне брзо да влезам во оваа улога. Тој знае како треба, го познава клубот. Тоа ме натера да кажам „да“, вели поранешниот репрезентативец на Италија.

Малдини додаде дека неговата работа ќе биде сеопфатна и ќе работи со секој дел од тимот.

– Ќе бидеме како добар и лош полицаец, додаде со насмевка петкратниот европски шампион со Милан.