Панорамските автобуси засега нема да се поправаат


Нема да се поправаат панорамските автобуси бидејќи тоа во моментов би го чинело Јавното сообраќајно претпријатие многу пари. Во ЈСП велат дека има спас за расклопените двокатни панорамски автобуси и дека нема да завршат како старо железо, но засега не размислуваат за таков зафат. На десет од 12 отворени автобуси им недостасуваат премногу делови, кои изминативе години биле извадени за да се оспособат останатите затворени автобуси кои се расипувале. Се ваделе мотори, менувачи, прозорци, ветробрански стакла, делови од командната табла, сопирачки, па дури и електрика и столчиња.

Оваа практика започнала пред повеќе од две години бидејќи не постоел овластен сервисер на автобусите, кој во секое време ќе овозможи техничка поддршка за возилата. Поради тоа, практично е невозможно да се набават и нивните оригинални делови. Летово во возна состојба ќе останат само два автобуса, но нема да се пуштаат на редовните линии, туку ќе служат за туристички разгледувања на Скопје на линија која ја реализира „ЈСП турс“.

– Нема веќе вадење делови од панорамските автобуси, но, засега, тие остануваат во состојба во каква што се наследени. Ја исклучивме и можноста да се затворат, иако неодамна имаше и таква идеја. Единствено што преостанува, за да не завршат на отпад или целосно да се демонтираат, е да се вратат во функција, но тоа засега не е приоритет ниту, пак, е донесена таква одлука – информираат од ЈСП.

Во меѓувреме, тие ќе останат паркирани во автобазите во Автокоманда и во Ѓорче Петров, а од сообраќајното претпријатие допрва ќе анализираат колкава штета е направена со вадењето делови и колку пари ќе бидат потребни за да се надоместат. Панорамските автобуси биле практично нови, многу малку користени, некои со поминати и помалку од 500 километри. Еден автобус чинел речиси 200.000 евра.

Бидејќи забраниле да продолжи нивното расклопување, во меѓувреме во ЈСП се соочуваат со проблем од каде да најдат резервни делови за останатите автобуси што секојдневно сообраќаат на градските и приградските линии.

– Залудни биле сите обиди да се обезбеди овластен сервисер и дистрибутер за резервни делови бидејќи не ни постои таков овластен субјект. Од тие причини сите возила, не само панорамските, туку и затворените, се доведени во ваква состојба. Ни преостанува само да се снаоѓаме, но извесно е дека ќе се зголеми бројот на автобуси кои често нема да бидат во исправна состојба, а ќе биде потребно време да се набават неопходните делови – посочуваат од јавното претпријатие.

Овие автобуси беа дел од големата набавка што Град Скопје ја направи од Кина пред седум години. Тогаш беа купени 202 двокатни автобуси и 80 едноподни, произведени во Украина. Петнаесетте отворени беа наменети за панорамско разгледување на Скопје и Охрид.

Сања Наумовска