Ѝ се наредија коцките на Македонија: 2017 – година на пресврти, 2018 – година на шанси
Годината што заминува за Македонија помина во знак на крупни промени на политички план кои, пак, ги подгреваат очекувањата дека и годината што доаѓа ќе донесе воочливи и, главно, позитивни пресврти, пред сѐ во делот на интеграцискиот процес на земјата.
Во 2017 година не само што се случи смена на власта на централно ниво, по еднодецениско владеење на ВМРО-ДПМНЕ, туку оваа партија ги изгуби и своите најголеми упоришта на локално ниво. Изборите во октомври ја истиснаа десницата од речиси сите општини во кои со години неприкосновено владееше овозможувајќи им на социјалдемократите безмалку апсолутна доминација во локалната самоуправа.
Од аспект на конституирањето на новата извршна власт, оваа година може да се подели на две полугодија. Во првото се одигруваа на моменти драматични сцени во врска со формирањето ново парламентарно мнозинство и доделувањето на мандатот за состав на влада, која беше конечно избрана на почетокот на летото. Од тој аспект, и партијата со убедливо најдолг владејачки стаж во последните 15 години – ДУИ доби нов сојузник на „Илинденска“ или поточно се врати кај некогашните партнери од „Бихаќска“, по деветгодишно коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ.
Освен што СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ги заменија местата во однос на практицирањето на власта, промените не ги заобиколија ниту другите партии, посебно од албанскиот блок. ДПА беше истисната од „големата четворка“, за нејзиното место да го заземе Беса, додека „Алијансата за Албанците“ се профилира како фактор во формирањето на новото парламентарно мнозинство.
Еден од најкарактеристичните моменти, кој навести епилог на сторијата околу преземањето на власта, беше изборот на новиот претседател на парламентот. Талат Џафери стана првиот Албанец на чело на законодавниот дом во ерата на плурализмот во Македонија, чиј избор се случи на импровизирана седница на 27 април, по што низ собраниските ходници и сали почна да се одигрува крвава драма, кога протестантите против т.н. „тиранска платформа“ почнаа да влегуваат во собраниската зграда.
„Ехото“ од априлските случувања во парламентот одѕвонуваше и на крајот на оваа година. Отворањето на судскиот процес за утврдување одговорност за „црниот четврток“ ја „истера“ новата опозиција од парламентот на улица, но и го забрза заминувањето на Никола Груевски од кормилото на ВМРО-ДПМНЕ, по речиси 15 години неприкосновено лидерство, од кои една деценија беше и на чело на извршната власт. Во претпоследниот викенд од 2017 година, ВМРО-ДПМНЕ доби нов лидер – Христијан Мицкоски, кој во новата година ќе се соочи со предизвикот за реформирање на партијата, паралелно со реформите што ги најави Владата, а во чие имплементирање се очекува вклученост на опозицијата.
Најавените реформи првенствено се со цел забрзување на евроатлантските процеси на земјава, по речиси еднодецениско затишје, па и назадување на тој пат. Во таа насока, во изминатите месеци бевме сведоци на своевидна дипломатска офанзива, и покрај ограничувачките фактори за новата владејачка гарнитура, со оглед на изборите што се одржаа во октомври. Целата енергија е насочена сега кон спроведување на реформите, за подготвено да се дочека новиот извештај на ЕК за Македонија во јуни, а потоа и Самитот на Алијансата во Брисел.
Стево Пендаровски, кој беше назначен неодамна за национален координатор за НАТО, вели дека новата влада ги постави интеграциите како приоритет број еден во својата агенда.
„Целта е во првите месеци од новата година да се заокружат реформите што произлегоа од двата извештаи на Прибе и да се влезе во сериозни преговори за надминување на долгогодишниот спор со Грција, за да бидеме подготвени за Самитот на НАТО – на 11 и 12 јули во Брисел. Македонија е кандидат за членство во Алијансата и очекувањата сега се да го заокружиме тој речиси дводецениски процес со покана за членство“, вели Пендаровски.
Тој, сепак, додава дека во делот на преговорите со името треба да се настапи со одредена резерва.
„За Македонија не би било прифатливо решение кое задира во идентитетот и кое би ја ослабело безбедноста на државата“, вели Пендаровски.
Покрај обидите за обновување на преговорите со Грција, втората половина на 2017 година помина и во знак на значително затоплување на односите со Бугарија, која од јануари го презема претседателствувањето со ЕУ – во период кога Македонија очекува конечно да добие позитивна препорака од Европската комисија за почеток на преговори за членство.
Поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска, како набљудувач на актуелните политички процеси во земјава, смета дека 2018 е година на шанси што Македонија не смее да ги пропушти.
„Конечно, на Македонија почнуваат да ѝ се местат коцките во регионален контекст. И глобалните текови се менуваат, така што државата треба да ја препознае шансата за пробив на патот кон Брисел, затоа што кој знае кога повторно ќе се укаже таква можност за паралелно добивање датум за почеток на преговори со ЕУ, за надминување на спорот за името и за членство во НАТО“, вели Марковска.
Таа очекува следната година ЕУ да ги отвори вратите за Македонија.
„ЕУ не смее да не држи пред врата толку долго време, Унијата се менува и ќе се менува, но ние мора да станеме европски граѓани. Тоа особено е важно за младите генерации“, вели Марковска.
Александра М. Митевска