Нови фасади и стари лузни во Диво насеље


 

Куманово – Пред влезот на улицата „Перо Илиевски“ во кумановското Диво Насеље повеќе го нема згмечениот и опожарен автомобил што настрада при почетокот од крвавите случувања пред три години, како и транспарентот со имињата на загинатите терористи што се појави неколку месеци подоцна. Единствено изрешетаната куќа на првиот свиок сѐ уште стои како потсетник на трагичните случувања на 9 и 10 мај 2015 година кога во судир на македонските безбедносни сили и вооружената група загинаа осум припадници на полицијата и 10 терористи. Сопственикот на куќата е осуден на доживотен затвор, сопругата и двете деца живеат со роднините, па нема кој да ја санира и реновира.

Семејствата на лицата што добија осудителни пресуди поради учество во терористичката група немаа право и не добија обесштетување од државата. На сите останати недолжни цивили и семејства им се изградени нови куќи, доделена им беше еднократна парична помош, а платена им беше и киријата додека траеше обновата.

Во тој поглед гревота е да се пожалиме, материјално сме обесштетени, иако јас некогаш знам да кажам оти поубаво ни беше кога куќата ни беше срушена, зашто тогаш никој не ме прашуваше колку пари зема, колку потроши, од каде ти се“, вели Агрон Ајдини, чија куќа на два ката е речиси готова. Недостига уште фасадата, но вели: „Во куќа секогаш има работа, ќе биде и тоа“.

Неговата куќа и таа на соседите Асани беа меѓу оние што најмногу настрадаа во триесетчасовната битка на полицијата и вооружената група. Нивниот разрушен семеен дом го имаше речиси на сите извештаи во весниците и телевизиски прилози.

Кога ќе се присетам на тие денови, можам само да речам дека господ нѐ чувал. Имам пет деца и мајка, сите живееме тука. Пред да се случи сето тоа, низ маалото се шушкаше дека е можно да има инциденти, те имало група на планина, те кај границата, но верувајте јас лично не сум видел никакви вооружени луѓе, никаква група. И последниот ден, петок беше, се вратив од град и ги слушам жените како зборуваат меѓу себе, демек ќе било ова, ќе било она. Им велам ‘ајде доста’. Отидовме кај роднините на гости, таму преспавме, кога следното утро в зори слушнавме пукање, хеликоптери, гранатирање… Мојот сосед ми вели по телефон: ‘Ќе се умира, толку беше, зошто не ми кажа и јас да побегнам со моите’? Аман, од каде да знам, па да знаев ќе им кажев на братучедите што живеат две куќи подолу, зарем ќе ги оставев да гинам? И кога беше судењето, обвинителката исто така ме праша дали сум знаел нешто… И неа ѝ го реков истото што и вам ви го велам, па дури ја прашав: ‘А што, подобро ќе беше да бевме во куќата или во подрумите и да ми загинеа децата?’“, зборува Ајдини.

Три години подоцна, улицата „Перо Илиевски“ во ништо не отскокнува и не се разликува од останатиот дел на Куманово. Ги нема апокалиптичните глетки, пеплосаните и оштетени куќи, штали, автомобили, пцовисаните животни… Напротив, деведесет проценти од куќите се изградени, санирани, бојосани, пред нив подигнати се големи огради, дури и самата улица, која до 2015 година немаше видено бетон и беше каллив сокак, сега е асфалтирана. Решен е хроничниот проблем со водоснабдување и со електрична енергија, функционира и водоводната мрежа.

Водиме живот како и сите други, единствено на овој ден доаѓате вие новинарите што е, пак, подобро во однос на политичарите, кои не доаѓаа ниту тогаш. Знаат дека нема што да бараат тука, не се добредојдени бидејќи ова што се случи е благодарение на нив. Истото важи и за Општината, која не покажува никаков интерес да ни помогне. Но, битно е да сме живи и здрави, за работа се снаоѓаме, некои се во странство, праќаат оттаму“, велат во населбата.

Во низата средени домови отскокнува куќата на Фадил Фејзулаху, кој исто така е осуден на доживотен затвор. Таму не е поместено и допрено ништо од 10 мај 2015 година. Влезната врата е отворена, ѕидовите се полни со дупки, прозорците искршени, мебелот превртен, предметите искршени… Единствено покривот што бил срушен е саниран за да не паѓа дожд и снег. Според безбедносните служби, таму биле стационирани дел од терористите. Неговиот најмал син, Члирим, сега има 16 години. Три години не си го видел татка си, малолетен е, па нема право на посета во затвор. Заедно со другиот брат, двете сестри и мајка му сместени се кај вујкото, кој се грижи за нив.

И тогаш бевме кај роднините кога се случија судирите. Татко ми остана сам во куќата. Беше сточар, земјоделец и верувам дека нема никаква вина за тоа што е обвинет. Правдата не е задоволена. Иако имав 13 години, многу добро се сеќавам на тие два дена. Хорор, ужас, тешко дека некогаш ќе ги заборавам“, вели Члирим.Неговиот чичко надополнува дека дури и да се обезбедат пари, куќата никогаш нема да се обнови бидејќи е премногу оштетена. Единствено решение е да се сруши до темел и да се изгради од почеток, но за тоа засега никој не размислува.

Во кумановската Дива Населба живеат околу петнаесет илјади жители, но крвавите судири се случуваа токму на улицата „Перо Илиевски“. Животот го загубија полицајците Жарко Кузмановски, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски, Исамедин Османи, Бобан Ивановиќ, Горан Илиевски, Љубиша Аранѓеловиќ и Горан Стојменовиќ, а четириесетина беа повредени. МВР соопшти дека е разбиена една од најопасните групи на Балканот, чија цел била да изврши терористички напади на неколку локации низ земјава.

Горан Адамовски

Блерим Исмаили