Избори со референдум – последен адут за цензус
Партиите се пикнаа во своите ровови и подготвуваат стратегија пред клучната лидерска средба, која ќе се одржи во понеделник. Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се сретна во четвртокот вечерта, а најавени се интензивни разговори и за време на викендот. Од тие причини е откажан митингот во недела во Кичево со образложение дека нема логика на протестот да се испраќаат пораки за дејствување кога не се знае што ќе се случи ден подоцна.
„Реализирање на веќе договорените концепти за финансирање на партиите и формирање техничка влада. Само на овој начин избирачите ќе имаат гаранција дека власта нема да го злоупотреби нивниот глас, односно дека опозицијата ќе има можност соодветно да дејствува при сите обиди за можен фалсификат и нема да се дозволи повторување на локалните избори. Обидите на Зоран Заев да ја манипулира јавноста со измислени образложенија дека некој бара амнестија за некаков криминал се оценети како несериозни“, велат од партијата и потенцираат оти референдумското прашање не смее да биде недвосмислено.
Во меѓувреме, во јавноста протекуваат детали од преговорите, според кои, најголемата опозициска партија, наводно, барала промена и редефинирање на кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување, како и намалување на висината на предвидените санкции, со што би се скратил и рокот во кој застаруваат делата извршени по тој основ. Целите на опозицијата, според извори од власта, биле ем да застарат делата што се водат против поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ ем да им бидат намалени евентуалните затворски казни доколку постапките, сепак, стигнат до пресуда. Од Белиот дворец демантираат и тврдат оти станува збор за планско дефокусирање од актуелните случувања поврзани со штетниот и капитулантски договор за името со Грција
„И во однос на некои надежи и пишувања дека се договарало некаква возвратна амнестија во стилот СДСМ сега, па потоа ВМРО-ДПМНЕ кога ќе дојде на власт ќе овозможи друга амнестија, би порачале дека најдобар демант за ова ќе биде времето кое ќе покаже дека одговорност ќе има за сите оние пречекорувања на Уставот и законите кои сега се случуваат“, се закануваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нашите информации, опозицијата во моментов се наоѓа во пат-позиција, затоа што постојано е под притисок од странските партнери активно да земе учество на референдумот, па макар гласале против договорот со цел да се обезбеди потребниот цензус. Од друга страна, тие јавно се изјаснија против спогодбата со Грција оценувајќи ја како капитулантска, а и десното крило инсистира на бојкот, поради што сега се одолговлекуваат преговорите со власта со цел да се извлече најмногу што може. Една од работите од кои најмногу се стравува во Белиот дворец е доколку Владата одлучи во последен миг заедно со референдумот да закаже и предвремени парламентарни избори.
„Тие знаат дека според последните анкети што ги имаат на увид, во моментов нема ни половина милион луѓе што би излегле на референдум, а не, пак, 900.000, колку што би требало да гласаат за плебисцитот да биде успешен. И, затоа, најпрво се обидуваат да нè натераат да учествуваме активно за да ги донесеме и нашите гласачи на избирачките кутии. Ако тоа не им успее, одат на вториот избор, а тоа е референдумот да биде консултативен, што значи дека резултатите од него нема да бидат обврзувачки. И последниот, да ни закажат предвремени и да нè стават пред свршен чин. Ако ги бојкотираме и едните и другите избори, СДСМ и ДУИ ќе добијат над 100 пратеници и ќе можат да прават што сакаат, во секој момент ќе имаат двотретинско мнозинство за каков било закон. Ако учествуваме, им даваме цензус за референдумот“, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Сепак, и во таков случај останува можноста да се гласа само за предвремени избори, а да се игнорира ливчето за референдум. Тоа го потврдува и поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски.
„Сме имале две гласања во ист ден, па правилата се менуваа. Најпроблематично беше доколку излезеш и гласаш за една работа, а за другата не, па подоцна се премислиш и сакаш да гласаш и за втората. Поради тоа, донесовме одлука на гласање да може да се излезе само еднаш, па ако не си гласал за двете работи наеднаш – твој проблем. Мастилото на прстот ќе те издаде дека еднаш веќе си бил на гласање. Но секое гласање си има посебен список и посебна кутија. Значи, доколку гласаш само за парламентарните избори, а не за референдумот, не може да ти се смета како си гласал за двете работи“, објаснува Новаковски.
Премиерот Заев се изјасни дека на барањето на опозицијата за вонредни парламентарни избори заедно со претседателските наредната година се можни само доколку ВМРО-ДПМНЕ активно учествува на референдумот. Само во еден момент се закани дека размислувале и за избори со референдумот, но оти тоа воопшто не им е во план. И еврокомесарот Јоханес Хан побара референдумското изјаснување да не се спојува со ниту едни други избори за да се испочитува волјата на народот. Како што беше соопштено пред неколку дена, референдумското прашање ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“. Во ВМРО-ДПМНЕ имаат забелешки и по ова прашање и сметаат оти требало да биде едносмислено.
Според информациите на „Независен весник“, владејачките партии преферираат референдумот да се одржи на 30 септември. Како алтернатива за спроведување на плебисцитарното изјаснување за името е оставена и првата недела од октомври, односно 7 октомври. Доколку има договор за референдум на крајот на септември, тогаш тој би требало да биде распишан до крајот на овој месец, за да се остави простор од 60 дена за предреферендумските активности, како што е и законски предвидено.
Горан Адамовски