Булеварите мора да го следат развојот на Скопје


Изградба на тунелите низ Кале, вкопан Јужен булевар, пробивањето на „Илинденска“ со мост преку Вардар во Карпош 4, продолжување на булеварот „Босна и Херцеговина“ и спојување со „Словенија“, но и изградба на булеварот „Крушевска Република“ низ Маџир Маало и продолжување на Јужниот булевар кон западниот излез од Скопје, се само дел од урбанистичките решенија што ги предвидува Генералниот урбанистички план кои чекаат ред за реализација. Потребата Скопје да се развива кон северниот дел, кој е неизграден и неурбанизиран, ги стави во преден план сообраќајниците превидени во плановите за постземјотресно Скопје. Некои од нив замислувани и како градски автопат, зацртаните булевари ќе треба ефикасно да ги поврзат населбите од северниот дел на градот со јужниот, како и со централното градско подрачје.

Развој на градот на потегот од Бутел до Волково е дел и од визијата и на актуелната градска власт. Градоначалникот Петре Шилегов вели дека за триесет години Скопје ќе има над 800.000 жители, а градот мора да се развива и да создаде услови за нормален живот.

„Притисокот што сега постои врз урбанизираниот дел од градот мора да се намалува и да се префрли на северната страна. Невозможно е Скопје да се развива во постојните рамки, а единствениот природен простор е на потегот од Бутел кон Волково, кој сега е слабо населен и неурбанизиран“, вели Шилегов. Тој нагласува дека еден од клучните предуслови за урбанизирање на северната страна е сообраќајното поврзување на повеќе точки.

Пробивањето на тунелите под Кале се решение кое стои во Генералниот план повеќе децении. Треба да ги спои центарот на градот и булеварот „Никола Карев“, односно Пластичарската улица. Шилегов минатата недела најави дека ќе го реализира, а за една година ќе треба да биде готов и проектот. Новата сообраќајница ќе овозможи брз влез и излез на возилата од центарот и од северната страна на градот, а рутата ќе ја користат и автобусите на јавниот превоз.

„Со подземни тунели под Кале и нов мост преку Вардар ги спојуваме двете страни на Скопје. Голем дел од планираните транзитни и градски магистрали во градот не се реализирани, што претставува сериозна тешкотија за нормално одвивање на сообраќајот. Продолжувањето на булеварот ‘Свети Климент Охридски’, со мост над реката Вардар, со тунел под скопското Кале и поврзување со булеварот ‘Никола Карев’ ќе ја зголеми мобилноста и протокот на возила и ќе има позитивни еколошки ефекти од намалената емисија на гасови и бучава“, рече Шилегов.

Една од причините што овој проект, како и неколку други, кои се предвидени во Генералниот план, досега не се реализирани е фактот што се многу скапи. Булеварот ‘Свети Климент Охридски’ треба да биде издигнат на височина од шест до девет метри, а дополнително, од Влада ќе се гради нов мост преку Вардар, долг 173 метри, а широк 20 метри и ќе има четири сообраќајни ленти. Мостот ќе продолжува како вијадукт долг 262 метри, сè до влезот во тунелот под Калето, долг 250 метри, а широк 20 метри. После тунелот, сообраќајот ќе продолжи на кружен тек издигнат пет метри, над Пластичарската улица.

Слични проекти, со предизвикувачки архитектонски, но и финансиски решенија, се и Јужниот булевар и „Крушевска Република“. И двата се предвидени во Генералниот план уште во шеесеттите години, но претрпеа и одредени измени во последната верзија на ГУП 2012-2022. Булеварот „Крушевска Република“ го поврзува влезот на Скопје и булеварот „Александар Македонски“ преку клучката кај „Континентал“ со Јужниот булевар. „Крушевска Република“ требаше да биде изграден на столбови над Маџир Маало, но претходната градска гарнитура со последните измени на Генералниот план, најави дека ќе се прави под земја. Од Јужниот булевар, пак, во моментов се изведува само мал дел зад Старата железничка станица, но според ГУП, тој треба да продолжува до западниот излез од Скопје. Заедно, двете сообраќајници се замислени како градски автопат со непрекинат тек на движење, со по три сообраќајни ленти во секоја насока и без семафорски раскрсници, како и со вкрстување во две нивоа со главните попречни улици.

Сања Наумовска