ОТА ќе ја демолира „тврдината“


Тврдината каде што се прислушуваа над 20.000 граѓани, меѓу кои и новинари и високи политичари кои беа во опозиција, но и на власт, е „демолирана“. Отсега па натаму во Македонија право да прислушува ќе има само новоформираната Оперативно техничка агенција (ОТА) на чело со долгогодишниот разузнавач Зоран Ангеловски. По неколку афери со прислушувањето во Македонија, „Големото уво“ и „бомбите“ кои се случија само пред неколку години, Управата за безбедност и контраразузнавање, која беше центарот на прислушувањето, веќе нема да има директен пристап до опремата за прислушување.

Седиштето на ОТА е во „Телеком“, а на нејзиниот сигнал многу брзо ќе можат да се приклучат и законски овластените за пристап до ПИ-мерките и тоа, покрај БЈБ, УБК и Финансиската полиција, Царинската управа и Военото разузнавање, плус истражен тим од обвинителството.

Вработените во ОТА нема да можат да собираат податоци и да слушаат, само ќе можат да го вклучат сигналот и практично нема да знаат кој се прислушува. Од друга страна, барателот ќе може само да слуша и да собира податоци, но не ќе може да приклучува, со што се избегнува можноста од злоупотреба.

„Ве уверувам дека не постои ниту теоретска ниту практична можност за злоупотреба на механизмите за ПИ-мерките. Одговорно тврдам дека нема да ни се повторат ‘бомбите’ и нема да имаме нови вакви афери. Моделот што е избран за функционирање на Оперативно-техничката агенција е соодветен на условите и е оптимално решение за Македонија“, изјави директорот Ангеловски.

Пратениците и натаму ќе ја вршат контролата врз прислушувањето преку собраниска Комисија составена од четири члена – двајца од мнозинството и двајца од опозицијата, како и претседател од редовите на најголемата опозициска партија, но сега тоа ќе се прави без најава. Новина во системот на контрола ќе биде и Советот за граѓанска контрола, кој ќе биде составен од претседател и шест члена, кои ќе ги избира Собранието по распишан јавен оглас. Тие ќе имаат мандат од три години и обврска да поднесуваат годишен извештај до парламентот. За да изврши контрола во ОТА или кај операторите, Советот ќе мора претходно да се најави.

„Министерството, односно УБК, не знае и нема податоци за примената на посебните истражни мерки кои се на барање на другите овластени органи за следење на комуникациите. УБК нема никаков пристап до содржината на следената комуникација, освен за оние мерки кои се на барање на Управата и за кои постои одобрение од судот“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Сепак, во ОТА ќе работат луѓе од УБК, но директорот уверува дека избраните не биле вмешани во скандалот со прислушувањето.

„Лично моја одлука беше за преземените вработени кои се селектирани, немав никаков притисок. Луѓето се максимално коректни и исправни во однос на она што се случувало порано во УБК и не биле вмешани на ниту еден начин. Беше консултирано дури и СЈО за да провериме дали тие лица имаат некаква поврзаност со аферата“, тврди директорот.

Во моментот ОТА функционира со технички кадар преземен од МВР, односно со четворица од Бирото за јавна безбедност и тројца од Управата за безбедност и контраразузнавање. Согласно систематизацијата, 25 лица би била оптималната бројка вработени. Останатите вработувања ќе бидат преку јавен конкурс објавен на веб-страницата на ОТА и во пишани медиуми.

ОТА почна да функционира официјално од вчера и со ова клучните забелешки од експертската мисија на Прибе се отстранети бидејќи реформите во безбедносните служби се еден од условите за почетокот на преговорите со ЕУ.

Аферата со прислушувањето, по која по повеќе од десет години се промени власта во Македонија и поради која се формираше Специјалното јавно обвинителство, сè уште е без епилог. Главните обвинети за нелегалното прислушување, поранешните разузнавачи Горан Грујовски и Никола Бошкоски, се шетаат слободни во Грција. Ним им се суди во предметите „Тврдина – Таргет“ во отсуство, a за нелегалното прислушување и уништувањето на опремата меѓу обвинетите се и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Фросина Факова-Серафиновиќ