Експертите го вперуваат прстот во МВР за бегството на Груевски


По спектакуларниот полициски циркус и потрагата по гепеци од автомобили, поранешниот премиер Никола Груевски преку својата фејсбук-страница, или некој во негово име, ноншалантно ни јави дека се наоѓа во Будимпешта каде што ќе бара азил. Фалеше уште да испрати фотографија од некој спа-центар, па да испадне уште посмешна акцијата на МВР пред седиштето на неговата партија.

Надлежните органи со часови не можеа ни да ја потврдат автентичноста на информацијата. За тоа време демократската јавност со бес и гнев се прашуваше како е можно поранешниот премиер, за кого и птиците знаеја дека може да избега, туку така без пасош „прелета“ кај побратимот Виктор Орбан, отворајќи ја дилемата дали станува збор за т.н. дозволено бегство.

Тоа пред него го направија и обвинетите во „Тврдина“ и „Таргет“ за нелегално прислушување на илјадници лица, Горан Грујовски и Никола Бошковски. Случајно или не, тие беа фатени од грчката полиција на солунскиот аеродром, од каде што требало да патуваат за Унгарија со лажни идентитети. Сепак, на крајот останаа на слобода и во Грција, зашто грчкиот Врховен суд оцени дека аболицијата на претседателот на државата Ѓорге Иванов сè уште е во сила.

Извршната власт преку своите главни експоненти, премиерот Зоран Заев, вицепремиерката Радмила Шекеринска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, речиси оркестрирано го прогласи судот за „Педро“ затоа што не одредил притвор. Од судот, пак, негираа дека тие треба да „висат“, дека сите процедури за притвор биле законски спроведени, а го „чепнаа“ МВР порачувајќи дека можело да преземе самоиницијативни дејствија.

Со тоа се согласуваат и дел од поранешни високи функционери во полициските и безбедносните служби, кои бегството на Груевски го квалификуваат како невиден срам, кој го прави бесмислен целиот правен процес, вклучувајќи го и формирањето на СЈО.

„Потерницата стигнува од судот и полицијата ја почнува потрагата. Но претходно задача на оперативата е да направи сериозна анализа, да процени, претпостави и да предвиди што може да се случи. Тоа е таа почетна фаза, сè друго е постфестум. Оперативците прибираат сознанија за намерата на лицата да ја напуштат земјата, за да не се чудиме после како било можно да избегаат. Прашањето е што во овој случај оперативата (не)сработи“, вели нашиот соговорник.

МВР, според него, е должно, кога станува збор за лица од ваков профил на чиј товар се ставаат низа тешки кривични дела, постојано да го следи нивното движење, со оглед на големите безбедносни ризици.

„Законот ги обврзува да дејствуваат. Процесните дејствија се едно, но што правиме со останатите функции? Постојат посебни пропишани средства и методи за вакви случаи. Доколку се потврди дека Груевски навистина е во Унгарија, тогаш станува збор за добро организирано бегство со асистенција и обезбедување логистика од одредени полициски структури. Тие се преполни со лица од претходниот режим“, нагласува поранешниот висок функционер во безбедносните служби.

Соговорниците велат дека премиерот Заев не е во право кога вели дека полицијата не можела ниту да му се доближи, да го следи или нешто да применува, дека за тоа морало да постојат судски наредби. Притоа, упатуваат на членот 51а за потрага по лица и предмети од Законот за полиција.

Според таа одредба, полицијата во постапката на собирање информации може да преземе мерки на прикриено полициско дејствување ако се утврди дека со други полициски методи не може да се постигне целта на вршењето на полициските работи. Мерки на прикриено полициско дејствување се засилено прикриено набљудување и оперативен надзор на јавни места. Тие се преземаат по наредба на директорот на Бирото или од негов овластен работник. Неполни три месеци таа функција ја извршува Сашо Тасевски, кој дојде на местото на Лазе Велковски по скандалот со џипот.

Дел од поранешните полициски службеници, сепак, не гледаат вина во оперативниот сегмент на МВР и останатите безбедносни служби.

„Судот треба да оцени дали постои опасност од бегство и веднаш да побара мерка притвор, тоа е најбезболното решение. Но, и сега како и претходно, тој не е ослободен од политички влијанија, исто како и останатите институции, кои доколку бидат оставени сами да си ја завршат работата, верувајте ќе го направат тоа професионално“, вели поранешниот началник во МВР, Љубомир Ѓурчевски.

Сепак, вели Ѓурчевски, МВР и министерот Спасовски може да бидат критикувани во делот на шесте полициски службеници кои му следуваа на Груевски како 24-часовно обезбедување.

„Тоа не е приватна агенција за обезбедување. Тие мораат да поднесуваат соодветен извештај за својата смена околу тоа каде е и што прави лицето кое се обезбедува. Јавна тајна е дека тоа се лица блиски до претходниот режим. Тоа се луѓе на Груевски донесени од единицата ‘Волци’, никако не може да се сметаат за луѓе од доверба, иако се под команда на началникот на Шестата управа. Во МВР врие од такви кадри. Секторот за внатрешна контрола мора да покрене истрага. Мора некој да сноси дисциплинска и материјална одговорност“, нагласува Ѓурчевски.

Во таа насока беше и реакцијата на потпретседателката на Собрание, Фросина Ременски, која на фејсбук-профилот напиша: „Штета за обезбедувањето, таков кадар не смее да се испушти“.

Според Ѓурчевски, во МВР не се прават никакви реформи.

„Со законот кој стапи во сила во 2017 година, практично, не постои одделот Централни полициски служби. Тој функционира незаконски со 300 вработени лица. Таму спаѓаат ЕБР, ЕСЗ, Одделот за криминална техника, за организиран криминал…Тие луѓе требаше да се распределат“, вели Ѓурчевски.

Бегството на Груевски беше обработена тема во медиумите. Тие пред неколку месеци отворено прашаа дали власта ќе му дозволи на Груевски да избега во Унгарија ако пратеници на ВМРО-ДПМНЕ го поддржат договорот за името.

„Кога амнестијата е ставена настрана преку одлука на официјални државни органи или со законско решение, единствено останува можноста за таканареченото дозволено бегство“, пишуваше неделникот „Фокус“. Во тој контекст, како што стои во текстот, кој вчера беше реобјавен на интернет-страницата, упатените велат дека веќе извесно време е подготвен теренот во Унгарија, каде што тамошната влада на Виктор Орбан со раширени раце би го пречекала и би му обезбедила засолниште на македонскиот експремиер Груевски.

Тој со Орбан и партијата Фидес имаше блиска соработка во време кога и двајцата повеќе или помалку беа конфронтирани со меѓународната заедница. „Неофицијално дознаваме дека близок соработник на Груевски неодамна остварил тајна посета на оваа источноевропска земја“, пишуваше „Фокус“. Ама која институција тоа да го прочита како оперативно сознание?

Наум Котевски