Одложено судењето за „Топлик“


Отсуството на адвокатот Часлав Станоевиќ на обвинетиот Томе Ѓурчилов го одложи денешното рочиште за предметот „Топлик“ за 2 ноември.

Станоевиќ, како што беше речено на судењето бил опериран пред неколку дена и поради тоа не можел да присуствува на рочиштето.

Судијата Осман Шабани побара да му се достави медицинска документација за Станоевиќ во рок од три дена, а доколку тоа не биде сторено на Ѓурчилов ќе му биде определен адвокат по службена должност.

На денешното рочиште исказ требаше да даваат сведоците Емилија Путилин, Малинка Матевска, Лиле Начева и Василка Поп Ѓорѓиева.

Сведокот Мирко Андовски не беше дојден  во Судот, иако уредно бил поканет, поради што судијата Шабани нареди негово приведување за наредното рочиште.

Во случајот „Топлик“ на Специјалното јавно обвинителство, првоосомничен е ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град“ во Сопиште и уште пет други лица.

Според обвинението на СЈО, првоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“.

Според обвинението Јанакиески и другите петмина обвинети го оштетиле државниот Буџет за 64.206.839 денари односно за милион и 44.000 евра.