Одложена одлуката за екстрадиција оти Грујевски и Бошковски не разбирале бугарски јазик


На 5 јануари конечно може ќе биде познато дали поранешните началници во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошковски ќе бидат екстрадирани во земјава. За тогаш е одложено објавувањето на пресудата на судот во Солун за барањето на македонските власти, јави „Алсат М“.

Пресудата требаше да биде објавена денеска, но Грујевски и Бошковски се пожалиле дека не ја разбираат преведувачката која што била од Бугарија.

Пред судот да донесе одлука за одложување, имало пауза од околу два часа за време на која се барал преведувач.

Инаку, на рочиштетот што се одржа во средата оваа недела, грчкиот јавен обвинител му предложил на советот на судии да одобри екстрадиција.

Доколку солунскиот суд одлучи Грујевски и Бошковски да бидат екстрадирани, тие имаат право на жалба на одлуката до Врховниот суд на Грција во рок од 24 часа.

Двајцата поранешни началници, заедно со ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и уште десет лица се обвинети во случаите „Тврдина“ и „Таргет“, чие судење тренаше да почне денеска во Кривичниот суд во Скопје, но беше одложено за 17 јануари, следната година.

Грујевски и Бошковски се во притвор во затвор во близина на Солун, а на двајцата им се суди во солунскиот суд и за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на 18 октомври, на аеродромот во Солун како се обидуваат да заминат за Будимпешта. Ова судење, кое се води одвоено од постапката за нивна екстрадиција, е одложено за 17 мај 2018 година.