Одлична игра на Вардар, со девет разлика го прегази Загреб
Вардар вечерва одигра одлично против Загреб на гостински терен во рамките на првата осминафинална пресметка во Лигата на шампиони. Интересно е што Европската ракометна федерација го прогласи вечерашниот меч за натпревар на неделата, меѓутоа Вардар не дозволи неизвесност и во голем стил водеше од почетокот до крајот на натпреварот.
Македонскиот првак после првите 30 минути водеше со 14:6, а натпреварот го заврши со девет разлика, односно 27:18.
Вардар и Загреб претходно се сретнаа и пред четири недели во рамките на СЕХА, кога скопјани на домашен терен победија со 28-26. Во првиот меч во Загреб, Хрватите славеа со 26-23. Во Лигата на шампионите последен пат меѓусебе играа во 2017 година кога македонскиот шампион извојува две убедливи победи, а потоа и ја освои титулата најдобар на стариот контитент.
Реваншот е следната сабота во Скопје. Влезниците се веќе во продажба и чинат 350, односно 400 денари.