Образованието во 2018 година


Нов закон за високото образование беше донесен во мај и го замени претходниот од 2008, кој за десет години претрпе 21 измена и дополнувања, а само од 2015 беше променет пет пати. Поради неговата нефункционалност и неприменливост и се пристапи кон целосно нов текст на закон што почна да се подготвува од јуни 2017 година.

МОН во креирањето ги вклучи универзитетите и претставници од сите засегнати страни со цел да се постигне консензус за закон кој ќе гарантира квалитет на образованието и автономија на универзитетите.

Законот донесе повеќе новини, меѓу кои и намалување на мандатите на ректорите и деканите – од четири на три години, а за деконцентрација на моќта на ректорите воведен е нов модел на нивниот избор – со непосредно гласање на професорите на факултетите и на институтите за предложените кандидати. Законот ја одвојува евалуацијата и акедитацијата во посебни органи и фокус во наредниот период ќе биде основањето на две нови институции – Агенција за квалитет на високото образование и Национален совет за високо образование.

Согласно со новиот закон, академската 2018/2019 година почна две недели подоцна, како што беше и до пред десетина години, односно на 1 октомври наместо на 15 септември. Законот предвидува промени и во студентското организиирање со формирање студентски претставнички тела. Но иако новиот закон е веќе цел семестар во сила, новото студентско организирање не може да профункционира и студентите не можат да добијат избори додека универзитетите не ги усвојат статутите усогласени со законот.

На дебата „Студентско (не)организирање – проблеми и решенија“ која неодамна ја организираше Младинскиот образовен форум, учесниците посочија дека Собранието на РМ имало должност да изгласа нови статути на универзитетите, како што налага новиот закон, за студентите да можат се вклучат во одлучувањето.

-Студентите се заборавени и повторно немаат шанса да одлучуваат и да учествуваат, и доведена е во прашање нивната позиција во самата академска заедница, порачаа студентите на дебатата.

Нивни колеги од Тетово, пак, во декември излегоа на протести барајќи подобрување на условите за студирање, намалување на студентските такси, стопирање на корупцијата, фер однос од професорите без купување книги за потпис… МОН со соопштение возврати дека со внимание ги следи барањата на студентите и дека студентскиот стандард му е меѓу приоритетите.

Во однос на унапредување на условите за студирање, од МОН посочија дека завршува реконструкцијата на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје. Во Буџетот за 2019 година се издвоени 30 милиони денари за реконструкција и обновување на неколку студентски домови, како и 30 милиони денари за да продолжат активностите за подготовка на проектна документација за изградба на нова зграда во склоп на студентскиот дом „Стив Наумов“ која ќе има околу 700 легла.

Законот за високо образование беше подготвен и донесен додека на чело на МОН беше министерката Рената Дескоска. Таа во јануари заедно со работна група од Министерството презентираше и ревидирани наставни планови и програми за прво одделение кои предвидуваа намалување на бројот на предмети за најмалите ученици и 55 минути траење на секој наставен час – 40 минути за учење и 15 минути за одмор со игри и слободни активности.

Работната група најави редуцирана примена на тестови за знаење и наместо нив – непосредна проверка и интеракција со секое дете, како и паралелки со помал број ученици. По ревизијата на плановите за прво, тогаш беше најавено дека ќе следува и ревизија на наставните планови за второ и за трето одделение и дека новините за првачињата ќе ги има од 1 септември барем во неколку пилот-училишта. Но тоа не се случи.

-Додека не се донесе нов закон за основното образование, основците ќе учат по старите наставни програми, рече за време на летниот распуст Арбер Адеми, кој ја наследи Дескоска на министерската функција по реконструкцијата на владата во јуни до кога тој беше нејзин заменик.

Рече дека МОН интензивно работи на реформите и на донесување на законот, но дека е комплексен и треба да се состави внимателно.

– Кога се работи за крупни законски решенија, не треба да се брза. Се работи за многу значаен закон и затоа треба да се најде најдобро решение. Во однос на пилотирањето на плановите, тогаш кога ќе сметаме дека една реформа функционира и ќе биде продуктивна, неа и ќе ја примениме, рече Адеми на прес-конференција во јули. Според него, новини може да се воведат само по усвојување на законот и дека во неговото донесување треба да се имаат предвид сите засегнати страни. Притоа посочи дека ако се намали бројот на предмети и часови, од друга страна треба да се имаат предвид и наставниците кои со тоа ќе имаат помалку работа и, како што рече, не треба да се дозволи технолошки вишок… Со усвојувањето и примената на новите наставни планови беше предвидено да престане и важењето на наставната Кембриџ-програма.

Новиот закон за основно образование е сè уште во фаза на подготовка и, според МОН, ќе понуди голем број новини кои досега не постоеја, а кои ќе значат унапредување на квалитетот на наставата, во интерес и на учениците и на наставниците. По спроведена анкета помеѓу наставниците и со нивни сугестии и предлози, беа изработени и почна примената на 22 нови учебника во основното образование по предметите математика, хемија, физика и биологија со подобрена содржина и корекции на технички грешки.

Од МОН информираат дека во фаза на подготовка е и 31 нов учебник за средното образование по предмети за кои досега не биле изготвени учебници или, пак, се користеле долго време. Почна и процес на модуларно дизајнирање нови наставни програми кои се засноваат на резултатите од учење и оценување на резултатите од учењето, а се реформираат и голем дел од постојните наставни програми заради усогласување со потребите на стопанството. Со новиот закон за средното образование, пак, повеќе ќе се промовира средното стручно образование, а во план е до учебната 2019/2020 да се заокружи процесот на целосно реформирање на четиригодишното средно стручно образование. Според германски модел и како пилот-проект се воведе дуално стручно образование кое подразбира поголема соработка меѓу училиштата и бизнис-секторот, односно повеќе пракса на учениците. Целта е да се стекнат потребните компетенции и вештини кои на младите ќе им овозможат вработување непосредно по завршување на образованието.

Покрај францускиот и германскиот, од учебната 2018/2019 година и италијанскиот се изучува како втор странски јазик за сите одделенија во основно и за сите години во средно. Согласно со усвоениот закон за основање, од наредната година треба да почне да работи и математичка гимназија.

Наставниците во основното и средното образование од септември добија покачување на платите за 5 проценти. Вкупниот буџет за образование за 2019 година е 26,1 милијарди денари. Зголемен е за 3,64 проценти во однос на минатогодишниот заради предвиденото покачување на платите на вработените во основното, средното и високото образование, интензивирање на капиталните инвестиции, за повеќе средства за ученички и студентски стандард…

(МИА)