Нов обид за враќање на Ѓукановиќ: Може да се кандидира за претседател


Подгорица/ Лидерот на Демократската партија на социјалистите и поранешен долгогодишен премиер на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, најавува можно враќање во државниот врв на земјата, откако минатата година се откажа од првата функција во црногорската влада, поради тесното мнозинство што го постигна на изборите.
Ѓукановиќ изјавил дека не исклучува можност да се кандидира на претседателските избори во Црна Гора.

„ДПС, на престојните претседателски избори, ќе предложи доволно квалитетен кандидат, со кој ќе оствари важна политичка победа и же го зацврсти евроатлантскиот курс на Црна Гора“, изјавил Ѓукановиќ за хрватски „Вечерњи лист“.

Ѓукановиќ има зад себе еден мандат како претседател на Црна Гора, во периодот од 1998 до 2002, откако претходно седум години беше на чело на Владата во Подгорица. По завршувањето на претседателскиот мандат, тој уште во неколку наврати се враќаше и се повлекуваше од премиерската функција.