Нови рочишта за „Тортура“ и „Траекторија“


Во Кривичниот суд за денеска се закажани нови рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тортура“ и „Траекторија“.

Предметот „Тортура“, во кој обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски-Пуки и уште петмина припадници на единицата, се наоѓа во доказна постпка.

Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.

На обвинителна клупа денеска треба да седнат и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој е во притвор во затворот „Скопје“, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и поранешниот директор на ЈП Државни патишта, Љупчо Георгиевски, за предметот „Траекторија“.

Според обвинението на СЈО, тие во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист.