Васил Тупурковски и Мирослав Грчев меѓу добитниците на признанието „Феникс“ по повод 50 години од формирањето на Општина Центар
На свеченоста беа наградени личности кои оставиле значаен белег во општествениот, културниот, научниот и јавниот живот, а градоначалникот Горан Герасимовски им се заблагодари на сите кои низ годините придонесувале за развојот на општината.
Со доделување на признанијата „Феникс“ за животни постигнувања на истакнати личности од различни области, Општина Центар одбележа 50 години од формирањето на локалната самоуправа.
Годинашни добитници на признанието „Феникс“ се Васил Тупурковски, професор, правник и политичар; Зоран Михајлов, доајен на спортското новинарство; архитектот и урбанист Мирослав Грчев; актерите Магдалена Ризова Черних и Ѓокица Лукаревски; композиторот и пијанист Дуке Бојаџиев; д-р Марија Весова, анестезиолог, како и Тодор Тасевски – Тото, кој со децении го негува боемскиот дух на Скопје.
„Да го чуваме она што ни го оставиле генерациите пред нас и да создадеме нешто вредно за генерациите по нас. Секоја генерација оставила свој белег во приказната за Центар и на сите нив им должиме благодарност и почит“, истакна Герасимовски.
На свечениот прием, тој упати благодарност до вработените во Општината, училиштата и градинките, соработниците, а особено до граѓаните за довербата, поддршката, критиките и предлозите.
Осврнувајќи се на изминатите пет години од неговиот мандат, Герасимовски посочи дека приоритет биле потребите на граѓаните и подобрувањето на условите за секојдневен живот.
„Да се биде градоначалник на Општина Центар е огромна чест, но и уште поголема одговорност. Од првиот ден се водев од една едноставна мисла: секоја наша одлука треба да има смисла за луѓето што живеат тука. Понекогаш најважно е едно дете да добие подобри услови за учење, едно семејство место во градинка, еден повозрасен сограѓанин да почувствува дека не е заборавен“, рече Герасимовски.
Тој нагласи дека во изминатиот период Општината работела на подобрување на условите за живот, но и на зачувување на маалските дружења, блискоста меѓу луѓето и традициите што ги поврзуваат жителите на Центар.
Свеченоста заврши со честитки по повод јубилејот и порака за продолжување на развојот на општината, со почит кон генерациите што придонеле за нејзиниот досегашен развој.